Besar Ademi
30 Јуни 2017•Ажурирај: 01 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претставниците на невладината организација „Еко Герила“, во просториите на Владата на Република Македонија остварија средба со премиерот Зоран Заев и со министерот за животна средина, Садула Дураку, на којашто разговараа за прашањата за животната средина во Полошкиот регион, јавува Anadolu Agency (АА).
Претседателот на организацијата „Еко Герила“, Арианит Џафери, рече дека на средбата разговарале за прашањето на комбинатот „Југохром“ и за барањето на синдикатот на „Југохром“ за рестартирање на работата на комбинатот.
„Од владата ни рекоа дека имаат разбирање за нашите позиции и дека за какви било преговори кои би можеле понатаму да се развиваат со раководството на 'Југохром' ќе се бараат писмени гаранции, а не како досега, гаранции со зборови дека ќе се поставуваат филтри на овој или на оној датум“, рече Џафери.
Џафери истакна дека на средбата дискутирале и за други прашања, како што е депонијата во Тетово, а Џафери го пренесе ставот на премиерот, дека првата одлука што ќе биде донесена на следната седница на Владата ќе биде да се најдат финансии за дислокација на дивата депонија од Тетово.
Инаку, комбинатот „Југохром“ беше затворен на 1. ноември минатата година, по одлуката на Државниот инспекторат за животна средина тој да не продолжи со работа откако беше констатирано дека металуршкиот комбинат не ги исполнува стандардите за животната средина. Пред неколку недели и синдикатот на „Југохром“ оствари средба со премиерот Заев, каде што беше побарано комбинатот да продолжи со работата паралелно со изградбата на пречистителната станица.
Сепак, такво нешто не се прифаќа од страна на организацијата „Еко Герила“, којашто до затворањето на комбинатот постојано организираше протести против работењето на „Југохром“ без филтри, и го смета комбинатот за најголем загадувач на Полошкиот регион.