Ivana Ramadanova
30 Јуни 2017•Ажурирај: 01 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на здружението за хумано домување „Хабитат Македонија“ и граѓанската организација „Рома С.О.С.“, денеска во Скопје се одржа завршна конференција на проектот „Правата на домување кај Ромите за одржлив урбан развој“, јавува Anadolu Agency (AA).
Основната цел на ваквиот проект е зголемување на вклученоста и учеството на локалната заедница во процесите на социјална инклузија во домувањето, а со тоа и понатаму да се развиваат и да се имплементираат човековите права и приоритетите на ЕУ за домување, здравство, образование, вработување, правна и социјална заштита.
Според Мабера Камбери, која е раководител во секторот за координација и техничка помош во Министерството за труд и социјална политика, потребно е уште многу работа за да се подобри домувањето кај Ромите.
„Од суштинско значење е подготовката на Законот за социјално домување, бидејќи сметаме дека со него ќе се донесат одредени мерки со коишто на најранливите социјални категории ќе им се овозможи да добијат пристојно место на живеење“, истакна Камбери.
Според организаторите, овој проект има постигнато значајни резултати во коишто спаѓаат трите подготвени почетни студии за домување кај Ромите во целните општини Прилеп, Штип и Чаир.
„Основа на овие почетни студии беше теренската анкета во којашто беа опфатени 1.672 жители од ромските населби во градовите и беа добиени податоци во однос на условите во домот, во локалната заедница, а беа утврдени и основните приоритети за локален развој и потребата за подобрување на условите во домувањето. Потоа беше подготвена Студијата за одржлив урбан развој на супстандардни населби која денес за првпат ќе биде промовирана“, рече Александра Савевска од здружението за хумано домување „Хабитат Македонија“.
Проектот „Правата на домување кај Ромите за одржлив урбан развој“ почна со реализација на 15 декември 2015 година и се спроведува до јули 2017 година.