Admir Fazlagic
02 Март 2017•Ажурирај: 02 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска ја прими Федерика Могерини, висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика и заменик-претседател на Европската комисија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од кабинетот на претседателот Иванов, на средбата беа разменети мислења за случувањата на политички план во Република Македонија, за европските перспективи на земјата, како и за мигрантската и бегалска криза.
Се наведува дека македонскиот претседател оценил дека со „status quo" состојбата во европската интеграција, на Република Македонија и е попречено правото на просперитет и се овозможува зголемено влијание на други меѓународни актери.
„ЕУ не смее да дозволи ова да продолжи и треба конечно да го идентификува Балканот за еден од нејзините највисоки приоритети. ЕУ треба да преземе итни чекори и да го зајакне интеграцискиот процес на Македонија, кој е неповратен“, рекол претседателот Иванов, соопштуваат од неговиот кабинет.
Дополнително, македонскиот претседател истакнал дека отворањето на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија ќе го дадат неопходниот поттик за интензивирање на реформските процеси во овие клучни области и ќе ги заокружи напорите на ЕУ за надминување на политичката криза во Република Македонија.
Во однос на последната негова одлука, пишува во соопштението, претседателот Иванов рекол дека согласно Уставот, како мандатар за состав на Влада нема да го определи секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува Македонија, се загрозува суверенитет, независноста и унитарноста на државата.
„Со пост-изборната платформа се руши Уставот и Охридскиот рамковен договор, а Македонија се доведува во положба на потчинетост и зависност од друга држава. Граѓаните на изборите гласаа за европски реформи, а не за пост-изборна платформа на туѓа држава“, рекол претседателот Иванов.
Македонскиот претседател посочил на отсуството на официјална јавна реакција со која би се осудило ваквото мешање во внатрешните работи на Република Македонија.
„Отсуството на јавна осуда за флангрантното мешање во внатрешните работи на Македонија ги создава проблемите и води кон поширока дестабилизација, а со одредени неконструктивни изјави кризата се продлабочува. Ова е шанса ЕУ јавно и јасно да го осуди мешањето во внатрешната политика на Македонија и да ја повтори поддршката за неповредливоста на границите на Балканот“, истакнал македонскиот претседател на средбата.
Тој истакнал и дека ова може да биде негативен преседан што во иднина може да биде употребен и од други држави.
- Могерини: Политичката криза да не прерасне во меѓуетничка криза
Според соопштението од кабинетот на Иванов, високиот претставник, Могерини истакнала дека има целосно разбирање за комплексноста на состојбата и улогата на претседателот Иванов во соочувањето со политичките предизвици.
Посочила дека ги разбира правниот и политичкиот аспект, релевантни за надминување на политичката состојба и истакнала дека е подготвена да помогне моменталната политичка криза да не прерасне во меѓуетничка, па дури и во геополитичка криза. Могерини изразила верување дека политичките фактори во Република Македонија можат да најдат излез од состојбата.
Осврнувајќи се на изјавите за почитување на владеењето на правото во Република Македонија, претседателот Иванов нагласил дека Македонија е уморна од двојните стандарди, истакнувајќи дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата никој не ја почитува.
Исто така Иванов ја нагласил и потребата од организирање на попис на населението во Република Македонија.
Во однос на мигрантската и бегалска криза, претседателот Иванов истакнал дека е неопходно што побрзо завршување на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија за да може, доколку е тоа потребно, да ја продолжи прогласената кризна состојба поради илегалната миграција, пишува во соопштението од кабинетот на претседателот Иванов по средбата со високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини.
Претходно, Могерини се состана со претставниците на шесте политички партии кои на последните предвремени парламентарни избори имаат освоено пратенички мандати во Собранието во Република Македонија. Исто така, таа се состана и со претставниците на невладините организации во земјава.
Инаку, Могерини допатува во Македонија по средбите што ги имаше во Црна Гора во рамки на турнејата по земјите од Западен Балкан.