Senada İbraimova
11 Април 2017•Ажурирај: 12 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) – Заменик-командантот на Копнените сили на САД за Европа, генерал мајор Тимоти Мекгваер денес е во официјална посета на Република Македонија. Во Генералштабот на АРМ (ГШ на АРМ) тој се сретна со министерот за одбрана на РМ, Зоран Јолевски, началникот на ГШ на АРМ, потполковник Методија Величковски, а се одржаа и официјални разговори меѓу работните групи и делегациите од двете држави, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од ГШ на АРМ, на средбата Мекгваер – Јолевски, министерот меѓу другото, истакнувајќи ја добрата соработка и партнерство со САД во областа на одбраната, нагласил дека потврда за оваа соработка е заедничкото учество во мировните мисии, како што е мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
Тој изразил особено задоволство од можноста за заеднички вежби во Македонија на елитните единици на САД со Полкот за специјални работи на АРМ, „активности кои се должат на одлично воспоставената соработка со Командата на специјалните сили на САД во Европа“, се вели во соопштението.
Генерал-мајор Мекгваер, пак, на средбата ја поздравил одлуката на министерот Јолевски, како што се вели во соопштението, за испраќање млади офицери кои ќе бидат идните лидери и носители на одлуки во армијата. Генерал Мекгваер, исто така, го информирал Јолевски дека и оваа година, македонски кадет е примен на воено-воздухопловната академија во Колорадо.
„На средбата стана збор за можностите за искористување на капацитетите на армискиот полигон Криволак и за одржување заеднички вежби на овој полигон меѓу АРМ и копнените сили на САД“, се наведува во соопштението.
Воедно, тие дискутирале и за придонесот на АРМ во мировните мисии и за идните планови за дополнително ангажирање во мисиите поддржани од Обединетите нации, кои се очекува да започнат во втората половина на оваа година.
- Средба на генерал-мајор Мекгваер и генерал-полтполковниокот Величковски
Генерал-мајор Мекгваер оствари средба и со началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски.
Според соопштението од Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, со Мек Гваер разговарале за модалитетите и начин на заедничко учество во позначајни активности организирани од оваа команда на Армијата на САД за 2017 година.
На денешната средба во ГШ на АРМ се презентираше континуираното учество на АРМ на бројните меѓународни вежби со акцент на меѓународната вежба „Анаконда-16“ , најголемата воена вежба организирана во Европа во последните неколку децении.
Исто така се разговараше и за базенот на декларираните единици на АРМ обучени согласно НАТО стандардите за учество во мировните мисии предводени од НАТО, ЕУ и ОН придонесувајќи за зачувување на глобалниот мир и безбедност.
Денеска беше одржана и работна средба на работните групи во однос на обуките и идните вежбовни активности заедно со копнените сили на САД за Европа.