Admir Fazlagikj
01 Февруари 2018•Ажурирај: 02 Февруари 2018
СКОПЈЕ (АА) – Посредникот на Обединетите нации (ОН) во спорот за името помеѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, денеска во Скопје се состана со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, а по средбата двајцата соговорници истакнаа дека кај Македонија и Грција има оптимизам за решавање на спорот со името, но дека има и разлики, јавува Anadolu Agency (AA).
Медијаторот Нимиц истакна дека процесот околу решавање на спорот со името стасал до нивото на кое и двете страни сакаат решение, и изјави дека кај него има оптимизам.
„Процесот оди напред, кај двете страни има војла да се најде решение. Се создава позитивен момент што треба да се искористи. Сега е вистинското време да се постигне решение и конечно регионот да тргне напред, а да продолжи соработката и пријателството меѓу двете земји”, изјави посредникот на ОН во разговорите за името, Метју Нимиц, изразувајќи уверување дека решението, кое е можно, е конзистентно.
Тој истакна дека има разлики во ставовите на двете страни, но дека тој е оптимист.
Запрашан дали неговите предлози, покрај името, вклучуваат и промена на идентитетот, Нимиц одговори дека досега не чул ништо од грчка страна што би значело порекнување на идентитетот на народот во Македонија. Според него, Владата во Скопје е сосема квалификувана, компетентна да го зачува идентитетот на народот.
Исто така, медијаторот Нимиц истакна дека би било трагедија доколку не се искористат шансите за решавање на спорот за името и доколку овој проблем остане нерешен и во наредните години.
Министерот Димитров по средбата со медијаторот Нимиц рече дека прашањето околу името е исклучително чувствително за граѓаните на Македонија, дека дел го следат не само со големо внимание, туку и со загриженост, а некои со гнев.
Шефот на македонската дипломатија истакна дека тие како влада имааат целосно разбирање за ова, како и дека сакааат ова прашање да се реши на начин што и во Македонија и во Грција ќе се смета за достоинствен начин.
„За да има решение, многу е важен процесот во којшто ни помага медијаторот Нимиц. Многу е важно да се однесуваме внимателно во јавноста, меѓутоа, колку повеќе зборуваме за црвени линии во јавноста, толку помалку има простор за разговор и се намалува шансата да најдеме решение што ќе биде прифатливо за граѓаните од двете страни на границата. Од наша страна има волја, и се надеваме дека и од другата страна ќе има исто така волја да најдеме начин”, рече Димитров.
- Идентитетот не може да биде предмет на преговори -
За идеите што Нимиц ги претстави во рамките на преговарачкиот процес во Њујорк, шефот на македонската дипломатија рече дека таму има идеи кои „не се толку лоши”, како и идеи „кои не се толку добри и кои создаваат загриженост”, но дека врз основа на тоа што медијаторот Нимиц го има од Грција и од Македонија ќе се види како процесот ќе тече понатаму.
Запрашан дали идентитетот може да биде предмет на преговори околу прашањето за името, министерот Димитров децидно одговори дека идентитетот не може да биде предмет на преговори, бидејќи не е предмет на одлука, туку е резултат на историски процес.
„Тоа прашање е многу поголемо и од мене, и од преговарачите, и воопшто од целата генерација на денешни политичари, па веројатно и на идните. Така што, ако дојдеме до таа точка од решението каде што треба да се допре до идентитетот, за жал, нема да има решение. Меѓутоа, ќе биде многу жално ако две европски држави во 2018 година не се доволно големи ова да го препознаат”, истакна министерот Димитров.
Посредникот на Обединетите нации (ОН) во спорот за името помеѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, престојува во посета на Република Македонија при што се состана со претставниците на државно-политичкиот врв, меѓу кои со претседателот Ѓорѓе Иванов, премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, а во текот на денот предвидено е Нимиц да се состане и со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, како и со лидрерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Кристијан Мицковски.