СКОПЈЕ (АА) – АДМИР ФАЗЛАГИЌ
Првичните резултати од четвртите по ред предвремени парламентарни избори во Република Македонија кај експертската, но и кај пошироката јавност отворија бројни прашања и на пиедестал го изнесоа прашањето каков ќе биде развојот на настаните на македонската политичка сцена, како и можните коалиции меѓу политичките партии.
Државната изборна комисија ги соопшти првичните резултати од изборите и информираше дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 51 мандат, коалицијата предводена од СДСМ 49 мандати, ДУИ 10 мандати, БЕСА освоила 5 мандати, коалицијата Алијанса за Албанците освои 3 мандати и ДПА освои 2 мандата.
Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, кој во разовор за Аnadolu Аgency (AA) зборуваше за резултатите од изборите, можните коалициски комбинаторики и идните можни сценарија на македонската политичка арена, ова се можеби најинтересните резултати од осамостојувањето на Република Македонија.
„Ова се можеби најинтересните резултати од 1990 година. Како што еден политичар рече, колку е понестабилна владата, толку е постабилна демократијата во оваа држава и мислам дека тука беше во право, затоа што сите сега се зависни од бројките. Има шанси да се смени состојбата, има шанси двете партии да имаат по 50 пратеници, што ќе биде дополителен 'push' (притисок) за политичарите да бидат подготвени за компромис", вели аналитичарот Муслиу.
Тој смета дека една од најголемите мани на македонската политичка сцена е недостатокот на компромис, а во врска со тоа вели оти со ваквите резултати од изборите може да се смени таа состојба.
„Затоа ние имавме парламент којшто беше гласачка машина, немаше тука ниту дебата, ниту убедување, туку чисто глсасање. Мислам дека пред крајот изгубија волја да дебатираат. Овие бројки се дополнителен придонес кон таа тенденција кон компромис. Може да се види тоа и од медиумите, кои го сменија вокабуларот, каде што има повеќе простор за компромис и не ги прикажуваат Албанците како ризичен фактор за федерализација. Сѐ можно“, истакнува тој, и додава дека во ваква состојба сите политички партии ќе бидат поотворени за преговори, што може лесно да се воочи.
„Една работа што не ѝ оди во прилог на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е Бадентеровиот принцип. Ние можеме да зборуваме дека двете македонски партии се избалансирани. Со кого и да отиде победникот ДУИ сега, кој има 10 пратеници, нема мнозинство меѓу албанските пратеници. Или ќе бидат принудени да повикаат уште некоја албанска партија за да обезбедат Бадентеров принцип на гласање, а за да обезбедат колку што е можно поголем комодитет, треба да повикаат уште некоја од албанските партии. Некои од тие албански партии беа децидни дека не сакаат да соработуваат со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, дел од нив беа експлицитни дека не сакаат да соработуваат со поранешниот премиер Груевски, и сето тоа влијае на можните математики и можното ново парламентарно мнозинство", смета Муслиу.
За разлика од поранешните коалиции во досегашните изборни циклуси, сега состојбата е сосема поразлична, поради што, како што вели Муслиу, коалциите од порано што не беа прифатливи за Албанците, сега не може да се оправдаат така лесно. Тој истакнува дека на овие избори владејачката ВМРО-ДПМНЕ го одржа својот корпус на гласачи, додека последици во однос на освоените гласови имаше албанската партија ДУИ, која досега беше дел од владејачката коалиција.
- „Во Македонија нема да има институционална криза"
Околу можноста за продлабочување на веќе постоечката политичка криза во земјата, која почна да се продлабочува од минатите предвремени парламентарни избори во 2014 година, Муслиу е со став дека нема да има криза од таков тип.
„Можеме да имаме владејачка криза, можеме да имаме парламентарна криза, но политичка криза од оние димензии што ја имавме пред овие избори, сега нема да имаме. Позициите на главните партии беа различни. За владејачката партија изборите беа решение на кризата, а речиси за сите останати, изборите беа почеток за решавање на кризата. На сите им е јасно доколку се легитимираат политичките претставници во Парламентот преку фер и демократски избори, нив ги очекува огромна работа, тие да ги сработат сите реформи што се договорени, кои се нашиот услов за продолжување на реформите за патот на евроатланските реформи. Тоа се тешки реформи што некој мора да ги направи“, вели Муслиу.
„Второ, претпоставките се дека ќе се соочиме со сериозна економска криза, затоа што нашиот надворешен, а и домашниот скриен долг порасна прилично многу. Затоа ќе имаме различни модели на кризи, но онаа криза од недоверба кон институциите доколку реформите почнат, ќе се надмнине, бидејќи ќе се врати довербата на граѓаните во институциите", додава тој, коментирајќи ги можностите за продлабочување на кризата во Македонија. На овие избори Албанците се покажаа подготвени да ги надминат историските бариери и да гласаат за неалбанска партија, во овој случај СДСМ. Доколку продолжи овој тренд на поддршка на Албанците кон СДСМ, бројот на Албанци пратеници во редовите на оваа партија би можел да биде предмет на дискусија.
„Тоа беше нешто ново, не е нешто што не е практика на Албанците и пред овие избори, тоа е новата стратегија на СДСМ за да привлече албански гласови. Пред овие избори не се вложуваше многу надеж за бројот на пратенички места. За дел од Албанците беше важно да падне оваа влада. Груевски имаше најмала доверба кај Албанците. Се покажа дека Албанците се подготвени да ги надминат историските бариери, да гласаат за СДСМ, земајќи ја предвид колективната меморија, што се случуваше во деведесеттите години. Тоа засега се зборови, додека СДСМ не добие власт, па да покаже дека тоа не се само зборови туку и дела. Доколку овој тренд продолжи, мислам дека тоа ќе биде тема за која ќе се расправа. Бројот на Албанците на нивните листи во сооднос на гласови што ги добиле", вели Муслиу. Во однос на прашањето кој ќе ја составува идната Влада на Република Македонија, Муслиу смета дека поранешниот премиер, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, има најмалку шанси да биде мандатар.
„Груевски има најмалку шанси да биде мандатар. Сега е прашање дали ВМРО-ДПМНЕ може да биде таа што може да состави влада. Тоа ќе зависи од нивниот компромисен капацитет. Тие ќе имаат тешки моменти да ја поминат кризата на приближување кон албанските гласачи, додека СДСМ е во подобра ситуација, бидејќи им се приближи на гласачите, а тоа го покажа и предизборната реторика за време на кампањата", вели Муслиу.
- „Без оглед кој ќе биде во новата влада, двојазичноста и буџетот ќе бидат спроведени"
Осврнувајќи се на можните понуди на двете најголеми македонски политички партии, Муслиу уверува дека без оглед на тоа која од партиите да биде во Владата, нема да може да помине без спроведување на двојазичноста и без соодветна распределба на буџетските средства, како и доделување на високи државнички функции на Албанците.
„Се дискутираше за мал број теми поврзани со Албанците. Доколку зборуваме за буџет, тоа е нешто што е дел од Договорот од Пржино. Втората работа е двојазичноста. Без тоа, која било влада не може да помине. Која било албанска партија да влезе во коалиција со која и да е од овие две најголеми, една од првите работи за кои ќе се дискутира е јазикот. Постои еден документ, Преглед на рамковниот договор, кој се однесува на прашањето на социјалната кохезија, каде што има и препораки за двојазичност. Политичките спинери ја изедначуваа локалната и централната власт. Централната власт е лоцирана во сите локални единици. Централната власт службеноста на јазикот ја има регулирано со уставот, и тоа ќе се прифати бидејќи е во склад со уставот", уверува Муслиу.
„Некои работи ќе се решат со која било од овие две партии. ВМРО е во состојба да прифати нешто повеќе, што е и легитимно. Ако тие можеле да го користат тоа за да го одржат своето гласачко тело, ДУИ има сериозни општетувања кај својот електорат", вели Муслиу. Меѓу другото тој, изрази уверување дека прашањето за промена на уставот нема да биде дел од следните преговори.
- Република Македонија во триаголникот на големите сили
Во однос на влијанието на интересите на големите светски сили, САД, Русија и Турција, Муслиу истакнува дека Македонија нема штета од присуството на надворешната политика на САД на овие простори, апсолутното влијание на Русија во Македонија би било катастрофално, додека Македонија од многу апсекти е поврзана со Турција, која е голем поддржувач на евроатланските интеграции на Македонија.
„Етногеографијата на Македонија исклучува големо присуство на Руската Федерација тука, бидејќи цената за присуството на нивната активност би била прескапа за она што би можеле да го добијат. Руската надворешна политика знае дека тука во старт, 30 отсто од населението е апсолутно против нивното евентуално влијание. Во ниту еден момент не видов поголема активност на руската надворешна политика, што на пример беше во Црна Гора, да излезат на терен. Имавме поголемо нивно медиумско присуство преку некои изјави на нивното МНР и амбасадата, а оперативна активност на нивната надворешна политика немавме, бидејќи кост-бенефитот е прескап за тие да влезат, во однос на американските дипломатски трошоци, трошоци за нивното влијание. Тука, во истата таа третина население, Американците во старт имаат поддршка. Апсолутното влијание на Русија, онака како што тоа е во Србија, за Македонија би бил катастрофален. Тој би генерирал поделба на населението", вели Муслиу, но сепак смета дека словенскиот момент има свое влијание.
„Од друга страна, словенскиот момент има влијание. Русија не е неомилена држава за Македонците кои се чувствуваат Словени, но не е тоа влијание за одредување на стратешките приоритети. Иако има реакции на социјалните мрежи, ние немаме ниту една македонска партија што промовира ориентација кон исток. Да има такво нешто, би имале барем една партија како што има Шешељ, која би заговарала ориентација кон Исток. Анкетите за евроатланската ориентација на Македонија покажуваат дека поддршката се зголемува или се намалува, но постои поддршка. Важно е како се поставува проашањето за ЕУ. Огромно мнозинство од македонските граѓани се за НАТО. Во однос на надворешната политика, мислам дека влијанието на Русија е минимално, но и интересот на Русија е минимален за Македонија".
Во однос на Турција, Муслиу вели дека во Македонија има прилично голема турска заедница, албанска заедница која е блиска со турската заедница, како и дека од многу аспекти, Турција е близок партнер на Република Македонија.
„Турција е еден од нашите најдобри надворешно-трговски парнери. Имаме и заедничка историја и нормално дека Турција е присутна тука. Јас на улица во Гостивар научив турски, не научив на телевизија. Турција е присутна тука. Како Турција ќе го одигра тоа, дали ќе се обиде тоа да го реализира преку политично влијание или само културно, тоа зависи од нив, но во секој случај има подобра стартна позиција отколку Руската Федерација. Но ако премногу влезат во внатрешните работи, како тоа ќе се рефлектира, тоа треба да се види", вели Муслиу истакнувајќи дека Турција е голем пријател на Македонија и нејзин поддржувач во евроатланските интеграции.
„Турција за Македонија беше пријателска држава. Турција е единствената држава што во НАТО ја ословува Македонија под уставното име, и на беџот на секој турски офицер. Можеби дел на турската политика, токму поради односот на Турција со Грција беше малку поприсутен, верувам дека и тоа е причината зошто на беџовите во НАТО го пишува тоа, но односот на Турција кон повеќето балкански држави беше пријателски. Мислам дека и минатонеделните ставови на турската надворешна политика во однос на непримерните изјави на грчкиот министер за одбрана се во склад со тоа што турската надворешна политика го заговара за Македонија. Турската надворешна политика е таа што ги промовира и ги поддржува евроатланските интеграции на Македонија".
Говорејќи за влијанието на САД во Македонија, Муслиу наведува дека во старт имаат апсолутно прифаќање кај Албанците, што е регионален пристап.
„Има еден историски след, кој почнува од независноста на Албанија. Исто така, може да се рече и за македонската заедница, таа е прилично ориентирана кон САД. Македонија го имаше тој лукзус американски претседател во 2008 година да лобира за Македонија. Од друга страна, има некои тенденции одредени политички елити да се трудат да стигматизираат, да ставаат некои знаци на прашање за интересот на Америка во однос на Македонија. Можеби американско-албанскиот однос е проблематичен за некои поекстремни делови на македонската заедница и тоа во јавноста го промовираат како тендеција на Америка да ги минимизира македонските интереси тука, а кога го кажуваат тоа, не ја спомнуваат заложбата на САД за евроинтеграциите на Македонија", вели Муслиу.
Тој потсетува: „За обезбедување на независноста на Македонија и територијалниот интегритет, во раните деведесетти години тука дојде УНПРЕДЕП, во момент кога Југославија гореше, кога имаше војни тука. Нивната надворешна помош во финансии беше огромна за Македонија за реформи во одбраната и друго. Во суштина, мислам дека и мнозинството етнички Македонци се за Америка и за вредностите што ги промовираат американските држави".
Освен тоа, Муслиу смета дека одреден дел од одредени групации во земјата настојува Американците да ги прикаже во сосема друга светлина, односно дека тие не се пријателски настроени кон Македонија. „Има одреден дел кој не поради руските ориентации, туку поради одвојување на некои демократски принципи се труди да прикаже дека Американците не се пријателски настроени кон Македонија. Порано имавме инциденти – 1999 година, кога се палеше знамето на САД пред амбасасадата, се настојуваше и насилно да се влезе во американската амбасада, но во однос на таквите индциденти во другите држави, овие инциденти се минорни. Тоа беше мала група што и во тие моменти го злоупотреби пријателското чуство на Македонците во однос на Србите за тоа да се прикаже како негативен став на Македонците кон Американците. Во секој случај, поддршката во Македонија би била поголема", смета Муслиу.
- „Апсурден е ставот на Грција во однос на спорот со името"
Повеќедеценискиот спор на Македонија со нејзиниот јужен сосед Грција е една од главните пречки за евроинтеграциите на земјата, што константно се повторува. Муслиу смета дека ставот на Грција во однос на ова прашање е апсурден.
„Ставот на Грција во однос на ова прашање е апсуден. Ненормално е во 21 вие да инсистирате од една држава да го смени своето име. Но тука веќе постои меѓународен договор, кој Македонија го прифати и го потпиша, и во согласност со тоа треба да се однесува. Во никој случај не можам да го амнестирам, и како на човек тоа ми е апсурдно. Од друга страна, нашите евроатлантски интеграции одеа во нормален тек. Дури и во една прилично комплицирана фаза на конфликт во Македонија во 2001, ние потпишавме Договор за стабилизација и асоцијација. ЕУ токму поради тоа непријатно чувство што европските држави го имаат поради овој спор, не може да се чувствува комотно кога една нивна членка инсистира на нешто што е парадоксално, но нивиот модел на одлучување е консензуалност", вели Муслиу.
Тој додава дека од 2006 година е направен тотален пресврт во однос на проблемот со името.
„Ако Грција се трудеше да елаборира апсурден став, од 2006 Македонија провоцираше состојби што за нас беа непотребни". За надминување на проблемот со името, потребни се поголеми напори од двете страни. „Во една ваква атмосфера, кога грчката страна би била потолерантна, со Владата на Ципрас која во суштина би требало да биде покосмополитска, тие се ултра-лево ориентирани, можеби би било полесно да се поминат некои фази од нашите евроатлански интеграции. Мислам дека нашата влада не направи доволно за тоа да се надмине. Мислам дека со добра надворешна политика грчката страна можеше лесно да се убеди дека започнувањето на преговорите не значи завршување на проблемот со името, затоа што и да се завршат преговорите со името сите членки можат да го блокираат тој процес на крајот, како што се случуваше", истакнува Муслиу.
Прашање на името, вели Мусиу, е подолг процес за кој е потребно време.
„Сите овие тензии, оваа атмосфера треба некако да се надмине. Не правам паралела меѓу решавањето на прашањето за името и деблокадата на европските интеграции. Дури можат и НАТО интеграциите да се деблокираат, затоа што Грција секогаш има механизам како тоа може да се запре. Ќе треба време, но мислам за Македонија тоа време не е проблематично доколку се одблокира процесот на преговори, а во меѓувреме поинтензивно да се поработи на свеста на граѓаните и изнаоѓање на некој компромис".
- Македонија како мост меѓу државите на Балканот
Осврнувајќи се на идните перспективи на земјата, аналитичарот Муслиу вели дека Македонија има добри предуслови за постигнување економски раст и севкупен развој.
„Македонија има добри предуслови. Македонија е мирна земја, има релтивно мирен народ. Има добра географска положба и етнички состав кој може да ѝ помогне да биде мост меѓу многу држави на Балканот. Македонија мора да помине низ една катарса. Македонија ќе има проблем на одредена група да ѝ го извлече стравот, и на тоа ќе треба да се поработи. Сега атмосферата е поприемчива отколку пред 15 години. Македонското општествое поотворено, што ѝ дава добра можност. Македонија ќе мора да поработи на својата опшстествена кохезија", уверува Мусилу во разговорот за АА, додавајќи дека во однос на економските потенцијали, потребно е да се работи стратешки со цел искористување на домашниот и странскиот капитал, и напоменува дека странските дознаки во земјата изнесуваат повеќе од милијарда евра, што е добар потенцијал за инвестирање во домашната економија.
news_share_descriptionsubscription_contact
