Bekim Laci,Figen Shaban
23 Јануари 2018•Ажурирај: 23 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, се состанаа со вицепремиерот на Косово, Енвер Хоџај кој рпестојува во официјална посета во Скопје, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштение на кабинетот на косовскиот премиер се наведува дека за време на средбата меѓу косовскиот вицепремиер, Хоџај, и македонскиот премиер, Заев, се разговарало за заедничкиот состанок на двете влади, како првиот чекор кој ќе го отвори патот на развојот на нови соработки во повеќе области.
„Страните се согласиле овој состанок да се одржи во март оваа година, додека наскоро ќе биде соопштен и точниот датум“, се вели во соопштението, каде се нагласува дека Хоџај во име на Владата на Косово, испратил 20 предлози за договори и теми за дискусии за заедничкиот состанок, како трговската и економската соработка, слободното движење на граѓаните, меѓугранична соработка, како и соработка во областите како образованието, културата и правосудството.
Заев и Хоџај се согласиле дека 2018 година има потенцијал да биде година на земјите од регионот и да се направи напредок во процесите на евро-атлантската интеграција.
Покрај средбата со премиерот Заев, Хоџај се состана и со видепремиерот на Македонија, Бујар Османи, и со министерот без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за диаспора, Едмонд Адеми, при што разговарале за нови соработка во повеќе области од заеднички интерес.
Во соопштението од кабинетот на вицепремиерот Османи се вели дека тој истакнал дека помеѓу Скопје и Приштина нема отворени политички прашања, што претставува потенцијал за продлабочување на односите меѓу двете Влади.
„Државните раководства мора да вложат повеќе напор за да ги подобрат условите за размена и комуникација, со цел да излезат во пресрет на сѐ поголемиот бизнис потенцијал, но и потребата на граѓаните на двете земји за полесна меѓусебна комуникација“, истакнал Османи, се вели во соопштението.
Според Османи, одлични односи меѓу двете земји наскоро ќе ги демонстрираат и со одржување на заедничка Владина седница меѓу двете држави, од каде, како што рекол тој, очекува да произлезат конкретни иницијативи, мерки и активности во насока на продлабочување на меѓусебната соработка.
Двајцата соговорници, се нагласува во соопштението, уште еднаш ја потенцирале заложбата на двете земји за европската перспектива на регионот, за што од интерес на двете земји е меѓусебно да се поддржат во процесот на интеграција во ЕУ.