Elena Trenchevska Chekovic
23 Јули 2026•Ажурирано: 23 Јули 2026
Владата ќе интервенира и ќе ги обесштети граѓаните што претрпеле материјална штета од невремето што го погоди Скопје, изјави претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, пренесува Анадолу.
Мицкоски, како што е соопштено од Владата, истакнал дека општините и институциите под нивна надлежност формираат комисии кои ќе вршат проценка на пријавените штети.
„Граѓаните кои имаат штета треба да ја пријават таа штета во комисиите. Тие ќе направат проценка и потоа во Комитетот за проценка на штети ќе ги достават до Владата“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата, во согласност со законските процедури и досегашната практика, ќе интервенира за обесштетување на граѓаните што ќе пријават штета.
„Апелирам до граѓаните оние што имаат штета да пријават, да излезе Комисија да ја констатира и да добиеме ние како Влада спецификација на тие штети, за да можеме да ги обесштетиме“, рече премиерот.