Elena Trenchevska Chekovic
22 Јули 2026•Ажурирано: 22 Јули 2026
Претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, изјави дека државните институции работат за обезбедување техничка вода за жителите на Гостивар, а потоа и вода за пиење, по прогласувањето кризна состојба во општината, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Владата, одговарајќи на новинарско прашање за владините механизми и институционалната помош, Мицкоски посочил дека денеска ќе заседава Управувачкиот комитет за кризни состојби, на кој ќе бидат донесени одлуки за понатамошните чекори.
„Важно е сега, откако полека, но сигурно работата се презема, после летаргијата којашто ја имаше општината, од страна на државните институции да обезбедиме најпрвин техничка вода, а потоа и да обезбедиме вода за пиење“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека за случајот постапува Обвинителството и дека против лицата кои ќе бидат утврдени како одговорни ќе се преземат мерки.
„Сите оние коишто се одговорни за ова ќе треба да бидат сослушани и нормално да се преземат мерки против истите. Веќе три лица се идентификувани како такви“, рече премиерот.
Мицкоски додаде дека според неговите информации, определени се мерки за обезбедување и нагласи дека институциите реагирале брзо во справувањето со состојбата.
Владата вчера донесе одлука за прогласување кризна состојба во Општина Гостивар во рок од 30 дена, поради состојбата настаната со загадувањето на водата во оваа општина.
Откако околу 1.200 граѓани побараа лекарска помош поради стомачни проблеми, водата од градскиот водовод во Гостивар минатата недела беше забранета за пиење.