Bekim Laci
02 Мај 2018•Ажурирај: 03 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Имплементација на светските трендови во поштенските услуги, дигитализација, како и развој на нови услуги, вклучувајќи и навремена достава на пратките се само дел од алатките за зголемување на конкуретноста на компаниите кои работат во секторот на поштенски услуги, е проценката на Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССКМ), кој на прес-конференција ги промовираше „Новите трендови за брзина и сигурност на поштенските услуги“, јавува Anadolu Agency (AA).
Последните статистички податоци што ги објави Агенцијата за пошти за 2016 година, покажуваат дека најмногу поплаки од граѓаните биле добиени поради ненавремената достава на пратки.
Како што објасни заменикот-претседател на ССКМ, Александар Милошевски, од сите поднесени рекламации, 52,6 отсто се пожалиле на пречекорување на рокот за достава, од кои поголемиот дел поплаките се за достава од страна на „Македонска пошта“.
Милошевски нагласи дека најголем проблем граѓаните имале со доставата на препорачаните писма, услуга која значително е поскапа од испраќање обично писмо, односно 4.475 рекламации за доставата преку „Македонска пошта“, додека 322 за другите даватели на поштенски услуги во земјава.
Милошевски истакна дека подобрувањето на поштенските услуги може да се направи преку новите практики, што подразбираат следење на светските трендови, особено воведување на Андроид услугата за директно следење на поштенските пратки.
„Поштата како гранка има свој удел во десетина клучни индустриски гранки, во малопродажбата, логистиката, маркетингот. Тренд во европските земји е на поштенските услуги да се гледа како на алатка која ќе им овозможи на компаниите своите производи побрзо и поефикасно да ги пласира до своите крајни корисници. Таквиот начин на стимулирање на поштенските услуги преку директна соработка со поштенските компании и нивен развој овозможува развој на сите компании во македонската економија“, додаде тој.
Исто така, Милошевски рече дека во Македонија моментално се регистрирани 33 даватели на поштенски услуги, додека врз законска основа, за ненавремената достава на пратките предвидена е глоба за операторот од 3.500 до 5.000 евра.