Ivana Ramadanova
03 Мај 2018•Ажурирај: 05 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - „Создавањето слободни и ефикасни медиуми е најдобриот начин за борба против злото, бидејќи тие се најефикасен инструмент против авторитаризмот и таранијата на власта“, порача претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, по повод 3 мај, Светскиот ден на слободата на медиумите, јавува Anadolu Agency (AA).
„Трети мај е ден кога треба да се поклониме пред нашите колеги од Европа, Дафне Галиција и Јан Куцијак, кои беа убиени поради нивното известување за криминалот. Ретки се професиите како новинарската каде што цената за добро завршената работа некогаш се плаќа и со живот“, рече Селмани на дебатата во Инфо-центарот на ЕУ.
Тој порача дека е потребно да се застане во одбрана на независните медиуми доколу општеството сака да се заштити од пропагандата, додавајќи дека овој ден треба да биде и потсетник за Владата за потребата да ги почитува нејзините заложби за слобода на печатот.
Лукаш Холуб, претставникот на Делегацијата на ЕУ во земјава, посочи дека слободата на изразувањето, како и независните медиуми се клучни вредности на Европската Унија, додавајќи дека во нашето општество медиумите овозможуваат незавидни форми за разновидно размислување, затоа, како што рече, „медиумите имаат одговорна задача во оваа насока“.
Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, во своето денешно обраќање пред присутните истакна дека по долго време, овој ден се чествува во слободна, демократска и европски ориентирана држава.
„Сите оние чинители во општеството треба да се посветат на реформирање на состојбите во медиумската сфера и на издигнување на стандардите за почитување на слободата на говорот и слободата на изразување. Владата секогаш ќе биде партнер и ќе направи сè што е во нејзини рамки за да ги поддржи овие процеси, но никогаш нема да се меша во независноста на новинарите и медиумите“, истакна Поповски.
Министерот потсети и на извештаите на меѓународните организации во кои се оценува подобрување на состојбата со медиумите како што се „Репортери без граници“ и „Фридом хаус“ каде што Македонија се споменува како светла точка на Балканот.
Настанот за одбележување на Меѓународниот ден на слободата на печатот е организиран од Здружението на новинарите на Македонија, во рамки на проектот „Мрежа на новинарите за слобода на медиумите во Македонија”, и е поддржан од Министерството за комуникации, отчетност и транспарентност, Делегацијата на Европската Унија и Амбасадата на САД.
Светскиот ден на слободата на печатот е прогласен од страна на Генералното собрание на Обединетите нации во декември 1993 година, по препорака на Генералната конференција на УНЕСКО.