ТЕТОВО (АА) - ЏИХАД АЛИУ - Проф. д-р Метин Изети од Државниот универзитет во Тетово изјави дека најголемото влијание на Мевљана на Балканот е ширењето на исламот.
По повод Неделата на Мевљана во текот на која во различни делови на светот се одржуваат разни активности, проф. Изети во разговор за Аnadolu Аgency (AA) истакна дека периодот во којшто живеел Мевљана бил многу бериќетен и плоден период, од аспект на науката и духовноста на исламот.
Тој истакна дека во тој период Анадолија и Андалузија минувале низ проблематични времиња од политички аспект, и оти во овој период биле образовани личности кои ќе остават голем белег во исламскиот свет, од духовен и од научен аспект.
Проф. Изети нагласи дека вистинската преокупација на Мевљана било приближувањето кон Бог, и оти главната поента и критериум на неговото учење, мислите и верувањата се љубовта кон Бога и зближувањето до него.
Во книгите Месневи, Диван-ул Кебир, Фихи Мафих, проф. Изети вели дека Мевљана се справува со повеќе димензии.
„Всушност, Месневи е налик на една цветна градина, во неа има фикх (исламско право), акаид (принципи на верувањето), филозофија, литература, метафора, добар говор, и се разбира дека сето тоа е дело на исламскиот суфизам, а Мевљана е еден од големците на исламскиот суфизам и во основата на неговите учења постои разбирање за суфизмот, истакнува Изети.
Проф. Изети истакна дека сѐ она што се наоѓа во центарот на учењето на секој сериозен филозоф, истото го има и во учењето на Мевљана, а во книгите на Мевљана се укажува на патот по кој може да се стигне до Бога.
Зборувајќи за почитта и љубовта кон божјиот Пратеник во учењето на Мевљана, проф. Изети го рече следното:
„Тој зборува за Хакикат-и Мухамедије (Вистината на Мухамед) кој е концентриран во ликот на божјиот Пратеник, бидејќи Хакикат-и Мухамедије и физичката личност на божјиот пратеник се различни нешта. Хакикат-и Мухамедије продолжува до ден-денешен да зборува за разбирањето на општеството од времето на божјиот пратеник. Неговите придружници, табиини (муслимани родени по смртта на божјиот пратеник), светците (евлии), ехл-и бејтин (потесно потомство на божјиот пратеник), сите тие заземаат место во центарот на учењето“.
- „Најголемото влијание на Мевљана на Балканот е ширењето на исламот“ -
Проф. Изети истакна дека Мевљана имал за цел човекот преку воздигнување на својот дух да стигне до Бога, при што во своите книги користи специфична методологија.
Проф. Изети рече дека е вознемирен што во последно време, според современо разбирање на луѓето, Мевљана е анализиран само од аспект на она што им се допаѓа.
„Мевљана не е личност што зборува само за толеранција, само за љубовта. Мевљана е личност која се молела 5 пати на ден, човек кој давал зеќат, постел, одел на аџилак, многу го почитувал божјиот Пратеник. Се разбира дека покрај сето тоа, како една личност, во него има и димензија на љубов и димензија на толеранција“, рече проф. Изети.
Како што имал големо влијание во светот, проф. Изети истакна дека Мевљана, исто така, имал големо влијание и врз Балканот. Тој изјави дека исламот е донесен на Балканот во рамките на османлискиот концепт, како производ измесен со благоста на суфизмот.
Проф. Изети потсети дека се погрешни изјавите оти 'Исламот на Балканот е донесен само од страна на суфиите', зборувајќи дека генерално се согласни околу разбирањето на суфизмот.
Тој истана дека исламот на сите народи во регионот е донесен во целина, со својата љубов, пристојност, култура и естетика, проф. Изети рече: „Најголемото влијание на Мевљана на Балканот е ширењето на исламот“.
Проф. Изети посочува дека во балканските градови како Скопје, Сараево, Елбасан, Белград, Ниш постоеле седишта на Мевљевиите. „На сите овие подрачја, оние кои земале пример од доброто однесување на Мевљана, тоа добро однесување го пренеле на ова подрачје”, вели проф. Изети.
Тој истакна дека голем број албански книжевници напишале многубројни творби под влијанието на Мевљана, и притоа изјави:
„На пример, Наим Фрашери, еден од најмоќните поети на албанската книжевност, е брат на Шемсетин Сами. Наим Фрашери има поезија под наслов 'Кавал'. Поезијата 'Кавал' е иста со поезијата 'Неј' која е дел од првите 18 стихови на Мевљана. Таму се зборува за Инсан-и Ќамил (совршен човек), се зборува за тагата на човекот што е одвоен од неговата вистинска татковина. Исто е и во останатите дела на Наим. На пример, има една песна напишана за љубовта, на грчки јазик, потоа песната „Тахајулат” (Имагинација) на персиски, во која може да се забележи големо влијание на Мевљана. Во поезиите напишани на албански јазик од османлискиот период, многу е големо влијанието на Мевљана“.
Зборувајќи дека на Балканот извесен период има традиција која произлегува од Месневи, проф. Изети додаде дека верски средби за разговори околу Месневи се спроведувале во БиХ, Албанија, Македонија.
- „Во центарот на учењето на Мевљана се наоѓа универзалниот човек“ -
Проф. Изети изјави дека во центарот на учењето, верувањето, литературата, образованието и генијалноста на Мевљана не се наоѓа човекот ограничен со времето и просторот.
„Во центарот се наоѓа универзален, совршен човек. Или ако зборуваме со јазикот на филозофијата, би рекле примордијален (исконски) човек. Човек чие тело нема почеток и крај. Човек кој во секое време го има чувството на сопственото присуство. Ова не е прашање кое му припаѓа само на исламскиот свет. И Ниче во западниот свет се обидел во преден план да го истакне разбирањето за возвишениот човек, но не во смисла на „супермен“, туку тоа е одреден период во кој човекот го достигнува своето созревање. Тоа е период на кој така гледаме и од аспект на светската историја и од аспект на сопствениот развој на еден човек. Мевљана и ден-денес се чита, бидејќи тој успеа во преден план и во денешно време да ги извлече потребните карактеристики на универзалниот човек“, истакна проф. Изети.
Проф. Изети го посочи фактот дека влијанието на Мевљана може да се забележи кај Пауло Коелјо, Умберто Еко, Маркез, а истакна дека тој пример е забележан и кај голем број истакнати книжевници од 20. и 21. век.
Големо е влијанието на Мевљана и врз уметноста, вели проф. Изети и потсети дека пред 3-4 години, пејачката Мадона во една од своите песни користела зборови од Месневи.
Проф. д-р Изети продолжи со зборовите: „Можеме да го забележиме влијанието на Мевљана од едниот крај до другиот крај. Темите што ги обработува Ибн Араби во делото „Откровение од Мека“, Мевљана во своето дело „Меснави“ ги раскажува на јазик многу поблизок за народот. Тоа денеска можеме да го забележиме и во кинематографијата. На пример, доколку ја погледнете тематиката на филмот „Матрикс”, станува збор за друга димензија, за еден друг свет. Ние, тоа во суфизмот го нарекуваме свет кој може да се види во сон. Односно зборуваме за еден имагинарен свет. Кога ќе го погледнете филмот „Господарот на прстените”, повторно гледате еден нереален, свет која нема физичка реалност, но во него се зборува за настани кои често можат да бидат дел од човечките соништа, што исто така е под влијание на овој тип на литература“.
Проф. Изети посочи дека религискиот интегритет што го поседува Мевљана, муслиманите не го применуваат во своите животи, истакнувајќи дека учењето на Мевљана е добар извор на инспирација, и за муслиманите, и за оние што не се муслимани.
Изети вели дека еден од најзначајните придонеси за мирот во светот може да се реализира со развивањето на доктрината и сфаќањата на Мевљана кој ги опишува нив разбирајќи ги луѓето. Тој рече дека има многу нешта кои е потребно денешниот човек да ги научи од Мевљана.