Alma Çekovic
02 Ноември 2017•Ажурирај: 02 Ноември 2017
САРАЕВО (АА) - Обвинителството на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во одговорот на барањето на одбраната на поранешниот командант на војската на Република Српска, Ратко Младиќ, обвинет за геноцид и воени злосторства, за одложување на изрекувањето на пресудата, закажана за 22 ноември, утврди дека последниот медицински извештај покажал стабилна здравствена состојба на Младиќ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Адвокатите на Младиќ, Бранко Лукиќ и Драган Иветиќ, побараа од Хашкиот трибунал пресудата за поранешниот командант на Главниот штаб на Војската на Република Српска да се одложи поради лекарскиот преглед кој треба да го извршат тим на лекари од Србија, и постапката да се сопре со цел да се утврди дали Младиќ е воопшто здравствено способен за изрекување на пресудата.
Според тврдењата на одбраната, здравствената состојба на Младиќ постојано се влошува, а поради ризикот од нов мозочен удар или инфаркт, потребно е болничко лекување.
Обвинителот Питер Мекклоски во одговорот на барањето на адвокатите потсети дека последниот медицински извештај за здравствената состојба на Ратко Младиќ, објавен на 22 септември, потврдил дека неговата здравствена состојба е стабилна. Тој наведува дека одбраната не успеала да ги поткрепи тврдењата оти Младиќ не е здравствено способен за судење.
„Одбраната на ниту еден начин не го оправда барањето и своите тврдења. Во текот на целиот процес на судењето, независен тим на медицински експерти опсежно ја следеше здравствената состојба на обвинетиот. Нивниот извештај покажа дека обвинетиот е способен да учествува во судскиот процес и во изрекувањето на пресудата“, се наведува во одговорот на хашкиот обвинител.
Советот за претрес при Хашкиот трибунал, исто така, потврди дека обвинетиот нема никакви акутни медицински проблеми кои досега не се третирани.