Zülfiya Yakup
02 Ноември 2017•Ажурирај: 02 Ноември 2017
ПРИШТИНА (АА) - Треба да се стави крај на флертувањето со носителите на екстремизмот, кои водат кон тероризам, порача денес премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, од тркалезната маса на темата „Борба против насилниот екстремизам и радикализам, кои водат кон тероризмот“, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Харадинај истакна дека ќе бидат гонети сите оние што флертуваат со екстремизмот и ги затвораат очите пред него.
„Оној што не бил на висина на својата задача ја доведува во опасност својата земја и затоа мора да има законски последици. Тое е суштината на она што може и треба да се случи понатаму. Ваквиот пристап е приоритет. Ова прашање е чувствително бидејќи се однесува на безбедоста, на опасноста, и подразбира дека никој што има законски мандат не може ниту да затвора очи, ниту да биде толерантен“, изјави Харадинај.
Тој нагласи дека мора сериозно да се работи на спречувањето на какво било ширење екстемни идеологии, кои имаат потенцијал да прераснат во тероризам, како и потенцијал да ги поттикнат граѓаните на Косово на радикализам или тероризам. Според него, голема помош во таа борба може да се даде преку консолидирање на демократијата, консолидирање на власта или со зголемување на довербата во институциите.
„На Косово му е потребен сериозен план за третирање на оние што сега се вклучени или кои биле вклучени во екстремни активности, активности на странските боишта, како и за нивната интеграција со цел Косово да биде безбедно од опасностите што можат да се случат“, рече тој.
Премиерот истакна дека за Косово е важно да се доврши безбедносната законска рамка, а улогата не безбедносните механизми да се зајакне со буџетот и со институционалната поддршка, унапредување на капацитетот и со експертиза. Тој наведе и дека од големо значење е соработката со меѓународните партнери и нивната експертиза.
Министерот за внатрешни работи, Фламур Сефај, изјави дека терористичките акти како што е последниот напад во Њујорк, и понатаму се закана за глобалната безбедност. Тој оцени дека борбата против насилниот есктремизам и радикализам, кои водат кон тероризам, бара усогласување на активностите и тесна соработка на институциите и невладините актери, како и тесна координација со меѓународните партнери.
„Косовските институции на редот и законот уапсија, судеа и осудија и продолжуваат да ги истражуваат оние што регрутираат, ги финансираат и учествуваат на странските боишта, а се спроведуваат и мерки за освестување и оддалечување на косовските граѓани од феноменот на радикализам и насилен екстремизам“, изјави Сефај.
Тој посочи дека наскоро на усвојување во Владата ќе биде проследена Државната стратегија за борба против тероризмот 2017 – 2022 година и оти тој ќе биде национален координатор за спроведување на планот за дејствување на таа стратегија. Харадинај, исто така, рече дека Владата на Косово издвоила сума од 100.000 долари за коалицијата за борба против ДЕАШ. Меѓутоа, министерот истакна и дека Косово, и покрај својот став за борба против екстремизмот и тероризмот, сѐ уште се соочува со предизвиците кои произлегуваат поради пречката што Косово не е членка на Интерпол.
Собирот организиран од страна на Министерството за внатрешни работи, на кој учествуваа и амбасадорите на земјите од групата Квинт (QUINT) во Косово (САД, Франција, Германија, Италија и Велика Британија) и другите актери во таа борба, по воведните излагања, беше затворен за медиумите.