Admir Fazlagic
13 Август 2018•Ажурирај: 14 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија Зоран Заев, на денешниот тематски панел „Патот до Брисел преку Охрид“ по повод одбележувањето на 17-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, истакна дека овој договор воспостави доверба помеѓу различните етнички заедници во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Организатор на одбележувањето на годишнината од Рамковниот договор беше Секретаријатот за европски прашања предводен од вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи. На настанот присуствуваа политичари од власта и од опозицијата, претставници на дипломатскиот кор во земјата како и претставниците на верските заедници.
Во своето обраќање на тематскиот панел, премиерот Заев истакна дека Охридскиот рамковен договор претставува значаен документ за Македонија по многу нешта.
„Тој стави крај на конфликтот во 2001-вата година и до ден денес тој гарантира дека насилството нема да биде механизам за остварување на какви било политички цели и интереси. Со Охридскиот договор се заштитија суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија. Договорот гарантира целосно почитување на принципот на недискриминација и рамноправен, правичен третман на сите лица пред законот", рече премиерот Заев додавајќи дека според него најголемата придобивка од Охридскиот договор се темелите на соживот кои ги постави истиот.
„Договорот воспостави доверба помеѓу различните етнички заедници во Македонија. Имавме моменти кога соживотот и меѓуетничката толеранција беа ставени на тест. Во тие моменти на искушение, покажавме дека заедно сме посилни, дека сакаме да живееме сложно и обединетo да напредуваме сите заедно", истакна Заев.
Во своето обраќање тој се осврна на претстојниот референдум закажан за 30 септември и порача дека, како што пред 17 години храброста на граѓаните, но и на политичарите ја извлекла Македонија од криза, сега се дава можност да се донесе, како што рече, вистинска одлука за да се обезбеди подобра иднина.
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, во своето обраќањето на дебатата рече дека во минатото дури и најголемите оптимисти не размислувале дека по 17 години Македонија ќе биде пример за решавање на конфликти и за тоа како конфликтните ситуации се трансформираат во дијалог.
Ахмети истакна дека НАТО имал голема улога во спречувањето на натамошното проширување на конфликтот во Македонија.
„Без ангажирање на НАТО ние би платиле висока цена а таа цена не би била матерјална, туку би била човечка. Јас сум благодарен затоа што НАТО спаси луѓе. Вие нѐ охрабривте и ни дадовте мотивација за дијалог, а вашиот ангажман беше повеќе од искрен и тој анганжман се гледа во денешните резултати", истакна Ахмети.
Вицепремиерот Османи во својот говор на тематскиот панел истакна дека Охридскиот рамковен договор веќе две децении е основа на стабилните меѓуетнички односи, но и основа врз која денес Македонија ја гради својата функционална мултиетничка и мултикултурна демократија.
„Рамковниот договор претставува и симбол на внатрешната интеграција на Република Македонија и добра водилка за решавање на предизвиците со кои денеска се соочуваме, а тоа е да ја докомплетираме и надворешната интеграција на Република Македонија", истакна Османи.
Дафина Јовановска Стојановска пратеничка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Охридскиот рамковен договор е важен од апсект на спречување на крвопролевањата во минатото.
Таа рече дека за граѓаните на Македонија е мошне важен економскиот аспект односно колку тие реално подобро живеат, додавајќи дека сиромаштијата, криминалот и корупцијата се уште се присутни во земјава.
На денешното одбележување на 17. годишнина од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор присустуваа и Евелин Фаркаш, поранешна заменичка на помошникот секретар за одбрана на САД задолжена за Европа и Азија во администрацијата на Барак Обама, одговорна и за политиката на САД кон Балканот, како и поранешниот генерал на британската армија и поранешен командант на НАТО во Македонија за време на потпишувањето на Охридскиот рамковен договорор, Берни Вајт Стунер.
Тој во своето обраќање рече дека потпишувањето на Охридскиот договор бил огромен успех што придонело да се одбегне не само граѓанска војна, туку и земјата да се интегрира во европските институции.
Потсетуваме, денес се одбележува 17-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на воениот конфликт во Македонија и се поставија рамки за меѓуетнички соживот во Македонија.
Преговорите започнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде што завршија со парафирање на документот, а истиот беше потпишан на 13 август во Претседателската резиденција во Скопје.
Рамковниот договор, познат и како Охридски договор, беше потпишан меѓу најголемите политички партии во земјата и специјалните претставници на Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД).