Dzihat Aliju
11 Август 2026•Ажурирано: 11 Август 2026
Превозниците од Западен Балкан предупредуваат за протести ако не се реши проблемот со престојот во Шенген зоната, јавува Анадолу.
Здруженијата на превозници од Западен Балкан денес во Скопје одржаа состанок по кој изјавија дека не сакаат да протестираат, но ако бидат принудени, ќе го преземат овој чекор.
„Ние ќе бидеме трпеливи, ќе се трудиме да направиме шеми за движење на возачите. Сега е период на годишни одмори, меѓутоа она што следува од септември натаму ќе биде многу трагично ако не најдеме решение. Не сакаме никому да му наштетиме, ниту на Европската Унија ниту на нашите држави, а најмалку на нас самите превозниците, но ако сме принудени ќе организираме протести со кои уште еднаш сите ќе ги потсетиме дека сепак постои проблем што треба да се реши“, изјави генералната секретарка на Асоцијацијата на превозници - Макам-транс, Биљана Муратовска.
Неџо Манди од Србија рече дека како превозници не сакаат да протестираат бидејќи тоа се одразува на целото општество, но ако бидат принудени, ќе мора да излезат.
„Значи, ги бараме своите 90 полни денови. Ако останат на тоа денот на влез да се пресметува како прв ден, а денот на излез како втор ден, тогаш сме во сериозен проблем и тогаш проблемот нема да биде решен бидејќи ние не сме обични граѓани што одат туристички во државите од Шенген зоната, туку сме професионалци што секојдневно, во зависност од должината на турата, работиме“, нагласи Мандиќ.
По воведувањето на новите правила на Европската Унија за престој во Шенген зоната, професионалните возачи се меѓу најпогодените, поради што превозниците протестираа против ваквата одлука. Тие бараат изземање од правилото според кое престојот е ограничен на 90 дена во период од 180 дена.
Со проблемот се соочуваат околу 17.000 професионални возачи од Северна Македонија, а на ниво на држави од Западен Балкан бројката се искачува на 100.000.
На состанокот, кој се одржа во просториите на Макам-транс, присуствуваа раководствата на здруженијата од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
На 1 септември во Брисел е закажан состанок на повисоко ниво со претставници на Европската комисија, на кој ќе се разговара за проблемот со престојот на професионалните возачи во Шенген зоната.