Shpetim Hiseni
20 Ноември 2025•Ажурирај: 20 Ноември 2025
СКОПЈЕ (АА) - Косовската претседателка Вјоса Османи ја потпиша одлуката за распуштање на Собранието неколку минути по состанокот со лидерите на парламентарните партии, јавува Анадолу.
Распуштањето на Парламентот доаѓа по неуспехот на вториот кандидат предложен од Движењето Самоопределување, Глаук Коњуфца, да ги обезбеди потребните гласови за формирање нова влада.
Според Уставот, сега претседателката е должна да го одреди датумот за вонредни избори во рок од 40 дена. За време на консултациите со партиите, 21 и 28 декември беа споменати како веројатни датуми за одржување на изборите.
Со оваа одлука Косово официјално влегува во изборен процес, а сегашните институции ќе продолжат да функционираат во ограничен капацитет до формирањето нова влада.
Инаку, по изборите на 9 февруари во Косово политичкиот процес помина низ големи предизвици за избор на претседател на Парламентот и формирање нова влада. По неколку парламентарни седници, на 26 август, кандидатот на Самоопределување, Димал Баша, беше избран за претседател на Собранието.
Албин Курти, прв мандатар од претседателката Вјоса Осман да формира влада, не успеа да го обезбеди потребното мнозинство гласови минатиот месец. Потоа мандатот му беше предаден на Глаук Коњуфца, исто така, од Самоопределување, но ни тој не успеа да добие доволно поддршка за време на вчерашната седница.
Овој развој означува нова етапа на политичката сцена на Косово, водејќи ја земјата кон предвремени избори по неуспесите во формирањето нови институции.