Toni Avramov
24 Октомври 2017•Ажурирај: 25 Октомври 2017
ГЕВГЕЛИЈА (АА) - „Предизвиците на туризмот и бизнис логистиката во 21. век“ е тема на конференцијата што од денеска се одржува во Гевгелија, во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, јавува Anadolu Agency (AA).
Факултетот за туризам и бизнис логистика од Гевгелија постои девет години и досега има организирано неколку конференции и семинари, но воглавно со студенти и професори од Република Македонија. Оваа меѓународна конференција е прва од ваков вид. На настанот присуствуваат шеесет научни работници, а ќе бидат претставени триесет и три излагања од професори од Полска, Турција, Литванија, Србија, Бугарија, Косово и од Македонија.
Организацискиот комитет го сочинуваат претставници од тринаесет земји од Европа и како што најавуваат, ова е само почеток кој ќе значи континуирано одржување средби и конференции во иднина, со цел развој на образованието и популаризација на туризмот.
„Целта на оваа конференција е да се разменат искуства од областа на туризмот и од бизнис логистиката, како современ процес којшто влијае на динамиката и на начинот на живот на населението. Од оваа конференција ќе произлезат, се надевам, добри заклучоци, а на крајот ќе се отпечати зборник на трудови“, истакна проф. д-р Никола Димитров, декан на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
Проф. д-р Назмије Ердоган, од Универзитетот „Башкент“ од Анкара, Турција, е еден од учесниците на конференцијата за предизвиците на туризмот. Таа вели дека универзитетот што таа го претставува веќе две години соработува со Универзитетот „Гоце Делчев“.
„На овогодишниот состанок учествувам како главен говорник (keynote speaker). Мислам дека состанокот ќе биде мошне плоден од аспект на 'Гоце Делчев', и од аспект на туризмот во Македонија. Исто така, мислам дека состанокот е мошне значаен и од аспект на развивање на едно еко- чувствително разбирање за туризмот. На пример, мојата тема ги вклучува програмите како одржливост во туризмот, и еколошки ознаки (еcolabel) во хотелите. Се надевам дека по овој состанок, Универзитетот 'Башкент' и Универзитетот 'Гоце Делчев' ќе продолжат со нивните работи во рамките на една поцврста соработка”, изјави таа.
Драго Цвијановиќ, професор од Факултетот за хотелиерство и туризам од Врњачка Бања, на конференцијата истакна дека досега имаат остварено повеќе соработки со факултетите од Македонија.
„Ние имаме одлична соработка со факултетите од Гевгелија и од Охрид, односно имаме фантастична соработка не само на вакви конференции, туку и во процесот на наставата, со размена на професори и студенти, и нормално, настојуваме сето тоа да го забрзаме и да го подобриме во наредниот период“, истакна Цвијановиќ.
Туризмот и бизнис логистиката треба да се унапредуваат од причина што регионот изобилува со огромно природно богатство, кое треба да се искористи, е еден од заклучоците на конференцијата што ќе се одвива два дена.