Abdula Berisha
21 Мај 2019•Ажурирај: 22 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, учествуваше на првата јавна дискусија за нацрт-текстот на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Република Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјавата за медиумите, Заев ја истакна важноста на мултикултурализмот, интеркултурализмот, како и на нацрт-текстот на соодветната национална стратегија, за којашто рече дека е составена по шест месеци работа.
„Тоа е документ, толку важен за нашата мултиетничка земја која навистина треба да биде урнек и пример за многу земји за кои мултикултурализмот, интеркултурализмот се одлика. Верувам дека како успешен модел тоа ќе можеме трајно да го вградиме во системот на нашето заедничко живеење”, изјави Заев.
На јавната дискусија присуствуваа Рената Дескоска, министерка за правда, Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка, Алберт Муслиу, прв извршен директор на Асоцијацијата за демократски иницијативи, дипломати од странските амбасади и голем број претставници од граѓанскиот сектор.
Министерката Дескоска во својот говор рече дека и медиумите играат важна улога во градењето на интеркултурната комуникација, затоа што, како што истакна, говорот на омраза најчесто се пренесува преку медиумите.
„Улогата на медиумите во градењето на интеркултурната комуникација е особено важна и тука има потреба од дополнителни законски измени“, рече Дескоска.
Алаѓозовски и Муслиу ја поздравија волјата на Владата на Северна Македонија за создавање на Националната стратегија за едно општество и интеркултурализам, додавајќи дека ваков документ ѝ недостасувал на Северна Македонија.
Составувањето на финалниот документ на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Република Северна Македонија, ќе заврши по организирањето на неколку јавни дебати.