Admir Fazlagic
06 Декември 2017•Ажурирај: 07 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Агенцијата за остварување на правата на заедниците во Република Македонија (АОПЗ), денеска се одржа дебата на темата „Унапредување на остварувањето на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението“, Anadolu Agency (AA).
На дебатата, учесниците истакнаа дека сега е вистинско време со конкретни политики да се постигне унапредување на правата на етничките заедници во земјата.
Директорот на АОПЗ, Илхан Рахман, рече дека оваа агеција има законска надлежност за следење на состојбите на заедниците под 20 отсто во областа на правичната застапеност, образованието, културата, медиумите, употребата на јазикот и на симболите. Тој истакна дека во овој контекст, заедниците се среќаваат со сериозни проблеми, како и дека нивното решавање е процес којшто е долг и макотрпен, но како што наведе, со искрени намери и конкретни политики, резултатите ќе бидат позитивни.
Заменик-директорот на АОПЗ, Џелал Хоџиќ, во своето излагање рече дека денешната дебата има за цел да поттикне конструктивен дијалог за подобрување на остварувањето на правата на заедниците во наведените области и истакна дека постои политичка волја за преземање мерки што ќе придонесат за унапредување на правата на заедниците.
На дебатата присуствуваше министерката за образование и наука на Република Македонија, Рената Дескоска, која во своето излагање рече дека Владата промовира политика на едно општество за сите, а тоа опфаќа гаранција и унапредување на јазичните права на сите заедници што живеат во Македонија бидејќи, како што рече, јазикот е обележје за припадност на една заедница и обидот за негирање на јазичните права е знак за нетолеранција и обид за дискриминација.
„Во образовниот систем на Република Македонија постои потреба за унапредување на изучувањето на јазиците на заедниците, но исто така постојат проблеми во остварувањето на ова право заради недостаток на соодветен наставен кадар, недостаток на учебници на јазиците на заедниците, недостаток на квалитетни наставни помагала“, изјави министерката Дескоска.
Таа потсети дека според последниот попис на населението од 2002 година, 10,36 проценти од населението се припадници на заедниците коишто се под 20 отсто од вкупното население во земјата.
Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, рече дека денешниот настан е одлична можност за да се изнајдат нови приниципи и начини како да ги унапредиме правата на сите граѓани подеднакво.
„Културата на помалобројните заедници е големо богатство и таа заслучува почит и внимание. Не само поради бројните истакнати уметници и културни работници со чии вредни дела Македонија се гордее, дури и се позиционира на културната мапа. Таа ризница е важна за сите нас и како постојан потсетник и инспирација да продолжиме да ја градиме нашата земја негувајќи ги сите нејзини богатства и особености", рече министерот Алаѓозовски.
Тој истакна дека може да се направи многу повеќе за унапредување на правата на заедниците, особено во делот на практично функционирање и операционализација на веќе воспоставените механизми на помалобројните заедници.
На настанот присуствуваа и заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, и вршителот на должност шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Гонзало де Чесаре.
По обраќањата на говорниците, следуваше дебата со претставниците на невладините организации од етничките заедници, каде што се разговараше за проблемите, прашањата и предизвиците во поглед на унапредувањето на правата на помалобројните етнички заедници во Република Македонија.