Dejan Maksimoviç
06 Декември 2017•Ажурирај: 07 Декември 2017
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денес оствари средба со делегацијата од БиХ составена од претседавачот и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ, Бакир Изетбеговиќ и Младен Иваниќ, кои допатуваа денес во официјална посета на Белград, јавува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ, по денешната средба со претседавачот на Претседателството на БиХ, Драган Човиќ, и со членовите Бакир Изетбеговиќ и Младен Иваниќ, истакна дека му е жал што не биле во можност да го формализираат договорот за границата меѓу двете земји.
„Им дадовме предлози на нашите пријатели во БиХ во согласност со договорот од Сараево. Се чинеше дека добивме начелна согласност, и дека тоа беше идеја на Претседателството на БиХ. Ќе почекаме да видиме што ќе направат нашите комисии за границите. Нашиот првичен план беше да ги имаме хидроелектраните 'Зворник' и 'Бајина Башта' во целост на наша територија. БиХ сака тоа да се користи како меѓународно правна службеност во следните 99 години. Подготвени сме да го понудиме истото на територијата на којашто сака БиХ. Во однос на Прибој и Рудо ќе размениме територија метар по метар квадратен. Во Штрпце ќе го заземеме дел од пругата Белград-Бар, а би понудиле иста површина на наша територија. Сериозно и праведно пристапивме и дадовме сѐ од себе да постигнеме договор. Направивме компромиси. За жал, денес не беше можно да се дојде до конечниот договор“, рече Вучиќ.
Српскиот претседател изрази задоволство од економските односи со БиХ. Според него, надворешната трговска размена на двете земји изнесува 1,424 милијарди евра и има постојан годишен пораст од околу 200 милиони евра.
„Според тоа, БиХ е една од најважните надворешно-трговски партнери на Србија. Во претходниот период, само преку нашите тимови успеавме да отстраниме неколку бариери во меѓусебната трговија и со тоа можеме да се пофалиме. Имаме уште прашања што треба да ги решиме во однос на економските односи“, рече Вучиќ.
Тој наведе дека кога станува збор за политички теми разговале и за подобрување на пријателските односи како и за начините да се избегне сето она што би можело да биде проблематично за една од двете земји.
„На прашањето за изградбата на автопатот Белград-Сараево, Република Србија изнесе недвосмислен и фер став. Покажавме што градиме на коридорот 11, дека потпишавме комерцијален договор за изградба на 31 километри низ Овчарската клисура, Чачак-Пожега, со што го приближуваме Белград до Сараево. Ни остануваат уште 60 километри до границата со Босна и Херцеговина, а потоа остануваат 106 километри, во зависност, се разбира од трасата која ќе ја избере БиХ до центарот на Сараево. Тоа е важно поради поврзувањето на бошњачкото население, но и на Србите во Белград и Херцеговина, но пред се Србите и Бошњаците на територијата на двете земји ", рече Вучиќ, додавајќи:
„Го прифативме ставот на БиХ, ставот на членовите на Претседателството на БиХ. Тие сé уште немаат донесено конечна одлука, блиску се до едно друго решение. Рековме ако ова е вашата одлука, Србија брзо и едноставно, без ничие учество од својот буџет ќе го финансира и ќе го плати патот кога ќе помине Сремска Митровица преку Кузмин до Раќа на патот кон Бијелина. Ова ни е важна врска со Семберија, БиХ и Република Српска ".
Вучиќ изрази надеж дека почесто ќе се состанува со членовите на Претседателството на БиХ и дека тоа повеќе нема да бидат историски средби, туку обични и работни.
Човиќ, кој се обрати на јавноста во име на Претседателството на Босна и Херцеговина изјави дека темите за кои се разговарало претежно биле поврзани со зголемувањето на билатералната соработка и постепено отворање на прашањата кои ги оптоваруваат односите меѓу Србија и БиХ.
„Нашиот заеднички став е дека треба да ги решиме прашањата на добрососедските односи како со Црна Гора, каде што го решивме прашањето за границите, на ист начин ќе треба да го направиме со Србија и со Хрватска. Па, и кога станува збор за кое било внатрешно прашање поврзано со Србија, тие отворени прашања ќе ги прилагодуваме со воведување на нашата надворешна политика, во однос на вас во Белград. Што се однесува до границите, жалам што не ги искористивме овие три месеци од посетата на српскиот преѕтседател на БиХ, бидејќи мислам дека имавме доволно време", рече Човиќ.
Тој смета дека предлогот на Србија кога станува збор за границите како модел и денес е начелно прифатен, но дека тројцата членови на Претседателството на БиХ преку своите претставници во интензивна комуникација со српската страна ќе се обидат да дојдат до конечно решение.
„Поради комплексноста на односите во рамките на БиХ, ќе мора да разберете дека потешко го договараме и овој коридор кој од Сараево би требало да оди кон Белград, каде што веќе зборуваме дека ќе ги поврземе, но и за енергетиката и овие енергетски објекти, иако тука работите се доста појасни. Се надевам дека брзо ќе го решиме прашањето за границата со Србија, тоа би ни помогнало на сличен начин со размена на територија метар по метар да го решиме прашањето и во однос на границата Босна и Херцеговина и Република Хрватска", заклучи Човиќ.
Кратко по состанокот со претседателот на Србија, членовите на Претседателството на БиХ се состанаа и со српската премиерка Ана Брнабиќ.