Fatjon Cuka
05 Февруари 2021•Ажурирај: 06 Февруари 2021
ТИРАНА (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, реализира официјална посета на Албанија, во чии рамки се состана со министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Џачка и Османи по средбата во Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија, одржаа заедничка прес-конференција, на која се фокусираа на прашањето за соработката меѓу двете земји, регионалната соработка и процесот на евроинтеграција.
Албанската министерка Џачка нагласи дека односите помеѓу Албанија и Северна Македонија се навистина одлични.
„Одличните односи помеѓу Албанија и Северна Македонија се навистина еден од столбовите на стабилноста, безбедноста и развојот во нашиот регион. Го делиме истото верување дека билатералната соработка може и треба да се прошири уште повеќе, било во дипломатијата, било во размени, било во области како интерконекцијата помеѓу нашите земји, инфраструктурата, енергетиката, трговските размени, туризмот, образованието и културата. Бидејќи од ова ќе имаат корист не само нашите земји туку и целиот регион“, рече Џачка.
Таа нагласи дека Албанија и Северна Македонија чекаат да направат важен чекор напред во насока на процесот на евроинтеграција.
Според неа, двете земји ги исполниле условите за одржување на првата меѓувладина конференција.
„Во оваа насока, максимално ги ценам решителноста и работата на премиерот Заев, неговата влада, владината коалиција и албанскиот фактор за унапредување на евроинтеграцијата на Северна Македонија“, додаде таа.
Џачка истакна дека стабилноста, безбедноста и развојот во регионот се поврзани со европската перспектива.
„Зачленувањето на Северна Македонија во НАТО беше еден одличен успех, што нашиот регион го направи уште побезбеден. Зачленувањето на целиот регион во ЕУ е гаранција на развојот на регионот, но не само толку, тоа е и голем придонес за безбедноста на самата ЕУ“, рече албанската министерка.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, пак, истакна дека за двете земји, зачленувањето во ЕУ е еден процес кој нема алтернатива.
„Односите помеѓу нашите земји одамна го поминаа прагот на добрососедството и се база на темелите на стабилното и долгорочно пријателство. Верувам дека нашето пријателство е над интересите не само на двете земји, туку е и еден од најважните столбови на стабилноста, безбедноста и просперитетот на нашиот регион. Целите и интересите за развивање на регионалната соработка се заемни“, нагласи Османи.
Тој истакна дека како близок сосед, постои директен интерес за успехот на дијалогот помеѓу Приштина и Белград, предводен од страна на ЕУ и САД, кој според него, во голема мера ќе охрабрува нова моќ, нов импулс на доверба во регионот и еден сериозен чекор кон безбеден и стабилен Балкан.
Според Османи, придонесот на Северна Македонија во регионалната соработка е искрен и отворен, и како што рече, ја информирал Џачка во врска со новата иницијатива за трилатерална соработка „Иницијатива 8“.
„Таа е една добра иницијатива која треба да ја обнови политичката поддршка за проектите за инфраструктура долж 8. европски коридор, поврзувајќи ги истокот и западот на Балканот од Јадранот до Црното Море. Трите земји, Северна Македонија, Албанија и Бугарија во оваа иницијатива може да најдат вреден форум за промовирање на трилатералната соработка“, додаде тој.
Османи нагласи дека меѓу двете земји ќе се потпише договор за соработка во областа на дијаспората.