Zylfije Adem Jakupi
05 Февруари 2021•Ажурирај: 06 Февруари 2021
ПРИШТИНА (АА) - На подготвителното рочиште за новото обвинение за убиството на Оливер Ивановиќ, шестемина обвинети денеска се изјаснија за невини, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обвинителот на Специјалното обвинителство на Косово, Блерим Исуфај, го прочита обвинението во кое обвинетите се товарат за вмешаност или прикривање на податоци за време на истрагата за убиството на српскиот политичар од Косово, Оливер Ивановиќ.
Обвинетите Марко Рожиќ, Недељко Спасојевиќ, Силвана Арсовиќ, Жарко Јовановиќ, Драгиша Марковиќ и Раде Басара се товарат за кривични дела, учество или организирање на злосторничка група, злоупотреба на службената положба, помагање во извршување на кривично дело тешко убиство, неовластено поседување оружје, откривање службени тајни и злоупотреба на службената положба преку манипулирање со докази.
Обвинението како водачи на криминалната група ги идентификува Милан Радојчиќ и Звонко Веселиновиќ, кои преминале во Србија и не се достапни за косовското правосудство. Во бегство е и обвинетиот Жељко Бојиќ.
Во притвор се Раде Басара, Марко Рошиќ и Недељко Спасојевиќ, додека останатите обвинети се бранат од слобода.
Во обвинението се наведува дека Раде Басара како полициски службеник не ја исполнил својата должност, затоа што соработувал со Жељко Бојовиќ во криењето детали од увидот.
Силвана Арсовиќ, секретарката на Оливер Ивановиќ, е обвинета за помагање во убиството затоа што ги исклучила безбедносните камери пред седиштето на партијата за време на убиството.
Недељко Спасојевиќ со службен автомобил на косовската полиција ги тргнал атентаторите до автомобил со марка „опел астра“ од кој е пукано на Оливер Ивановиќ.
Марко Рошиќ се товари за помагање во извршување на убиството така што со свое возило го следел секое движење на Оливер Ивановиќ.
Драгиша Марковиќ и Жарко Јовановиќ, како полициски службеници, во текот на увидот не го обезбедиле местото на убиството како што треба, а Драгиша Марковиќ пренесувал и службени тајни на службени лица на Република Србија.
Според обвинението, од 2014 до 2018 година обвинетите биле дел од криминална група која во континуитет се обидувала да ја контролира Северна Митровица, и тие свесно и намерно ѝ помагале на таа криминална група со цел извршување на кривичното дело убиство на Оливер Ивановиќ.
Специјалното обвинителство на Косово на 2 декември 2019 година го подигна првото обвинение, а само едно подготвително рочиште се одржа на 11 февруари оваа година. Тогаш беше предвидено новото рочиште да биде на 30 декември, но беше откажано затоа што тогашниот обвинител Сил Хоџа достави ново, изменето обвинение.
Со одлука на Апелациониот суд во Приштина, во септември минатата година, обвинението за случајот за убиството на Оливер Ивановиќ е вратено во Обвинителството.
Лидерот на Граѓанската иницијатива СДП, Оливер Ивановиќ, беше убиен во атентат на 16 јануари 2018 година, пред седиштето на неговата партија во Северна Митровица.