Tuğçenur Yılmaz
19 Август 2018•Ажурирај: 20 Август 2018
АНТАЛИЈА (АА) - Министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, истакна дека Србија никогаш нема да биде дел од никаква коалиција која ќе работи против Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Дачиќ, кој се наоѓа во Турција, по повод отворањето на почесниот конзулат на Србија во Анталија, одржа заедничка прес-конференција со неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу.
Дачиќ се осврна на поддршката на Србија во тешките времиња на Турција. „Како што знаете, за време на обидот за државен удар на 15 јули, веднаш го осудивме обидот за државен удар, не чекавме да видиме што ќе му се случи на (Реџеп Таип) Ердоган. Уште еднаш сакам да истакнам дека Србија никогаш нема да биде дел од никаква коалиција која ќе работи против Турција“, рече Дачиќ.
Дачиќ потсети дека Турција и Србија во последниот период често реализираа посети. „Започнат беше нов период за време на посетата на претседателот Ердоган во октомври минатата година на Србија“, нагласи тој.
„Односите меѓу двете земји постигнаа многу добар напредок“, рече Дачиќ, нагласувајќи дека економските односи меѓу двете земји одат во добра насока, и дека двете земји се задоволни од тоа.
Истакнувајќи дека во секоја област сакаат да ги развијат односите со Турција, Дачиќ рече дека покрај економијата, сакаат да постигнат развој и во насока на културните односи, образованието и спортот.
Српскиот министер за надворешни работи истакна дека со отворањето на конзулатот повеќе ќе се развијат односите меѓу двете земји. „Наредната година одбележуваме 140. годишнина на нашите дипломатски односи. Сакаме уште повеќе да ги развиеме нашите пријателски односи“, додаде тој.
Дачиќ изрази задоволство од отворањето на почесниот конзулат во Анталија. „Анталија е многу значајно место за српските туристи, и отворањето на нашиот конзулат тука е исклучително значајно“, рече Дачиќ.
„Овој конзулат можеби ќе биде повреден од сите други конзулати на Србија во различни земји“, додаде тој.
Тој нагласи дека ќе работат и за интересите на балканските народи во Турција, но и за интересите на муслиманското население во Србија.