Kristina Maslareviç
30 Декември 2015•Ажурирај: 31 Декември 2015
БЕЛГРАД (АА) - Одговарајќи на прашањето за евентуалната поддршка на кандидатурата на Игор Лукшиќ, министерот за надворешни работи на Црна Гора, за генерален секретар на Обединетите нации, шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, рече дека Србија за тоа прашање допрва ќе одлучува, но дека сосема е сигурно дека нема да може да ги поддржи кандидатите чија политика е против националните и државни интереси на Србија, јавува Anadolu Agency.
Изборот на генералниот секретар на ОН ќе биде објавен во другата половина на 2016 година.
Дачиќ додаде дека Србија навреме ќе донесе одлука дали ќе има свој кандидат или ќе поддржи некој друг кандидат.
"Сигурно, ние не можеме да поддржиме кандидати чии политички ставови се спротивни на нашите национални и државни интереси", рече Дачиќ, додавајќи дека станува збор за многу сериозна функција, и поради таа причина Србија мора да води сметка за тоа кому ќе му ја даде поддршката.
"Овде не се во прашање лично кандидатите, дали имаме нешто лично против некој од нив, зборуваме за политика, за политички интереси. Се покажа дека гласањето на одредени земји во нашиот регион по прашањата кои беа важни за Србија, дека нивните изјаснувања на меѓународно ниво беа во спротивност со нашите интереси, без оглед на нашите пријателски односи со нив", истакна шефот на српската дипломатија и додаде "Да бидам целосно искрен, кандидатите на Црна Гора, Македонија, Хрватска сигурно не може да ја имаат нашата поддршка. Тоа би било како да ме прашувате дали би го поддржале предлогот од Албанија".