СКОПЈЕ (АА) - ЏИХАД АЛИУ - Енес Ибрахим, пратеник во Парламентот на Република Македонија и претседател на Партијата на движењето на Турците во Македонија (ТХП), истакна дека Турците во Македонија се недоволно застапени во јавниот сектор. „Сметам дека е потребна поголема застапеност на Турците во јавниот сектор и тие повеќе да ѝ служат на турската заедница."
Пратеникот Ибрахим во разговор за Anadolu Agency (AA) зборуваше за македонско-турските односи, состојбата на Турците во Македонија и за плановите кои планира да ги спроведе како пратеник во Парламентот.
Тој потсети дека Турција е првата земја што ја призна Македонија под уставното име, и истакна дека Турција продолжува материјално и духовно да ја поддржува Македонија и секогаш ќе ја поддржува во процесот на интеграција на Македонија во НАТО и во Европската Унија (ЕУ).
Ибрахим истакна дека евроатлантската интеграција на Македонија е значајна и од аспект на иднината на турската заедница во земјата.
„Сметаме дека со развивањето попријателски и поискрени односи со Турција во периодот што претстои, нема да изостане нејзината поддршка во периодот на интеграција на Македонија во НАТО и во ЕУ“.
По формирањето на новата влада во Македонија, пратеникот Ибрахим потсети дека е избран за претседател на турско-македонската меѓупарламентарна група за пријателство и додаде дека за нив е значајно развивањето на парламентарната соработка меѓу двете земји.
Ибрахим нагласи дека пратениците од турска етничка припадност во македонскиот Парламент, во минатото „имале задача да бидат мост“ меѓу двете земји, и додаде дека таа задача и тој ќе ја преземе.
Тој се осврна и на економската соработка меѓу Македонија и Турција, и посочи дека во Македонија има голем број инвеститори од Турција.
„Бројот на турските инвеститори во Македонија е многу голем, но знаеме дека во изминатиот период, особено бизнисмените од Турција кои инвестирале или сакале да инвестираат во Македонија, заглавиле пред големиот број бирократски бариери. Денеска во Македонија има голем број турски компании, знаеме дека во земјава се наоѓаат голем број турски инвеститори и дека тие сакаат да направат сериозни инвестиции во земјата. Во таа насока, најважната задача на новата Влада е да ги минимизира бирократските проблеми, и затворајќи ги бирократските лавиринти, да овозможиме турските инвеститори да инвестираат во Македонија“, рече Ибрахим.
- „За продолжување на турското присуство во Македонија, значајни се турско-османлиските траги“
Како што рече пратеникот Ибрахим, турскиот јазик, култура и традиција имаат голема важност од аспект на продолжување на турското присуство во Македонија. Тој истакна дека во минатото, делата од турскиот османлиски период не биле заштитувани.
„Благодарение на ТИКА, реставрирани се џамии, анови и амами во Битола, Скопје и во други делови на Македонија. Од тој аспект, се гордееме со работата на ТИКА за зачувувањена турските дела, односно за да се спречи бришењето во Македонија, бидејќи во минатото во Македонија имаше турско постоење, и во моментов има и со цел да се продолжи ова постоење, за Турците во Македонија важно е да се зачуваат историските траги на Турците-османлии“, истакна Ибрахим.
Ибрахим рече дека Македонија е мултиетничка земја и додаде оти Турците кои живеат во неа се дисперзирани во повеќе подрачја, поради што, во последниот период тие се гетоизирани.
Според пратеникот Ибрахим, 'гетоизацијата' на Турците е предизвикана поради нивното недоволно интегрирање во заедницата, и тој изрази надеж за развивање на културата на соживот.
Ибрахим информираше дека турската култура ќе биде промовирана со културните центри што ќе бидат отворени од страна на Турците во Македонија, и додаде дека во иднина се планира да се отворат културни центри и „турски куќи“.
- „Турците од Македонија минуваат низ тежок период“
Пратеникот Ибрахим рече дека Турците во Македонија минуваат низ тежок период, особено по 13 август 2001 година, кога со цел да биде надминат етничкиот конфликт во земјата, беше потпишан Охридскиот рамковен договор, по кој Турците во Македонија се третираат како граѓани од трет ред.
Според овој договор, како што истакна пратеникот Ибрахим, заедниците со популација над 20 отсто имаат одредени права, додавајќи дека Турците се недоволно претставени во јавниот сектор.
„Ќе се бориме за турската младина што го стекнала статусот на државен службеник да биде поставена во новите институции и службениците од турска етничка припадност во постоечките институции да бидат унапредени на повисоко ниво. Никогаш не беше во план отпуштање од работа. Бидејќи сметаме дека не сме доволно претставени во јавниот сектор. Мислам дека е потребна поголема застапеност на Турците во јавниот сектор и тие повеќе да ѝ служат на турската заедница во Македонија“, истакна Ибрахим.
Ибрахим смета дека изборниот систем во Македонија не им оди во прилог на Турците во земјата.
„Во изминатиот период, измената на изборниот систем неколкупати беше ставена на дневен ред, меѓутоа не беше добиена поддршка од големите партии, а особено од албанските партии. Етничките заедници во Македонија со мала популација немаат загарантирано право на застапеност во Парламетот и затоа, турските политички партии во Македонија своето присуство во Парламентот го добиваат коалицирајќи со големите политички партии во Македонија. Доколку изборниот систем во Македонија се измени или се загарантира право на застапеност во Парламентот, или пак се направат некои измени во корист на Турците во Македонија, тогаш сметам дека со сигурност е потребно Турците на изборите да се појават со една листа."
- „Потребно е Турција да ја покаже својата економска моќ во Македонија“
Меѓу другото, во разговорот Ибрахим истакна дека е потребно Турција да ја покаже својата економска моќ во Македонија.
„Од друга страна, ТИКА и останатите институции и организации можат заедно да работат на зајакнување, особено на невладините организации во Македонија, бидејќи ние Турците во Македонија, за жал, не научивме и не знаеме што претставуваат невладини организации, колкава е нивната моќ и колку тие можат да бидат моќни. Доколку во Македонија успееме да формираме моќни турски невладини организации, сметам дека и Турците од Македонија ќе имаат право на збор“, смета Ибрахим.
Зборувајќи за борбата на Турција против терористичката организација ФЕТО, пратеникот Ибрахим рече дека тој самиот бил меѓу првите што покажале отпор и цврст став.
„Може да се дискутира за тоа колкава борба беше покажана во Македонија досега, но тука не станува збор само за ФЕТО. Македонија треба сериозно да се бори против сите терористички органзиации, бидејќи терористичките организации ѝ нанесуваат штета и на државата и на граѓаните. Во таа насока, како пратеник, не треба никој да се посомнева во мојата борба против терористичките организации“, рече Ибрахим.
На третиот редовен Конгрес на Партијата на движењето на Турците во Македонија, пратеникот Енес Ибрахим беше избран за нов претседател на оваа политичка партија.