Husameddin Gina
31 Август 2018•Ажурирај: 02 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, на заедничката прес-конференција со својот црногорски колега, Предраг Бошковиќ, ги оцени како одлични билатералните односи меѓу Македонија и Црна Гора, јавува Anadolu Agency (AA).
Делегација на Министерството за одбрана на Црна Гора, предводена од министерот Бошковиќ е во посета на Македонија. Црногорската делегација со министерката Шекеринска го посетија Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, каде што беа презентирани капацитетите на овој центар.
Претходно, министерот Бошковиќ, придружен од заменик-министерот за одбрана на Македонија, Беким Максути, ги посетија војниците на Армијата на Република Црна Гора, кои реализираат вежба на полигонот на Армијата на Република Македонија во Криволак.
Министерката Шекеринска, која имаше средба со министерот Бошковиќ во касарната, истакна дека се прават обиди и понатаму да се развиваат односите со Црна Гора, затоа што како што рече таа, такво нешто е рационално, прагматично и логично за двете земји.
Шекеринска ѝ се заблагодари на Црна Гора за поддршката што ѝ ја дава на Македонија во пресрет на НАТО самитот.
„Успехот на Црна Гора е мотив и инспирација дека вратите на НАТО се отворени и дека земјите како Црна Гора и Македонија по многу предизвици можат да успеат“, рече Шекеринска.

Според неа самитот на НАТО беше историски момент за Република Македонија. А поканата од НАТО, Македонија ја чекаше 10 години.
„Сметаме дека ова сега е историска шанса. Македонија нема да ја испушти поканата на НАТО и можноста да ги започне преговорите со ЕУ“, рече Шекеринска.
- Бошковиќ: „Црна Гора со Македонија има најдобри билатерални односи“
Министерот за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ, уште еднаш потврди дека Црна Гора со Македонија има најдобри билатерални односи какви што нема со ниту една држава во регионот и во светот.
„Црна Гора пред една година ја оствари својата најважна надворешнополитичка цел, полноправно членство во НАТО. И тогаш, и денес сме заговорници целиот регион да биде дел од најмоќната политичка и воена алијанса во светот“, изјави Предраг Бошковиќ, министер за одбрана на Црна Гора.
Тој, исто така, додаде дека регионот пред сè, треба да се посвети на економскиот развој и на подобриот живот на сите граѓани. А тоа, според него, може да се обезбеди единствено со полноправно членство во Евроатлантската алијанса.