Admir Fazlagic
31 Август 2018•Ажурирај: 01 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денеска учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати за членство во ЕУ, кој се одржа во австрискиот главен град Виена, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерот Димитров учествува на состанокот а покана на Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и министерката за Европа, интеграција и надворешни работи на Австрија Карин Кнајсл (во својство на земја претседавач со Советот на Европската унија).
Како што соопшти Министерството за надворешни работи (МНР) на Република Македонија, дискусиите на сесијата беа фокусирани на прашања поврзани со ефективниот мултилатерализам, како еден од приоритетите на Австриското претседателство со Советот на ЕУ и Глобалната стратегија за надворешната и безбедносна политика на ЕУ.
Се наведува дека министерот Димитров ги поздравил заложбите на Австриското претседателство за приближување на земјите од Регионот со ЕУ преку процесот на проширувањето, како стратешка инвестиција во мирот, демократијата, просперитетот, безбедноста и стабилноста во Европа.
„Единствената одржлива визија за стабилен Балкан е европската - сите ние работиме на демократски реформи и реформи во владеењето на правото со цел да ја споделиме европската иднина без граници. Време е за нас во Регионот и државите - членки да забрзаме напред”, истакнал Димитров.
Во однос на темата на сесијата, „Ефективниот мултилатерализам”, како што инфодрмираат од министерството, Димитров нагласил декае потребна засилена соработка меѓу државите со цел успешно справување со зголемените предизвици во светот.
Министерот Димитров учествувал и на неформалниот работен ручек на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ со министрите за надворешни работи на земјите од Југоисточна Европа и Труција.
Ручекот организаран од Австриското претседателство, како што се наведува во соопштението на МНР, бил посветен на темата „Инфраструктура и дигитално поврзување.”
Во текот на вчерашниот ден, министерот Димитров присуствуваше на приемот кој за учесниците на неформалниот состанок на министрите во Виена го приреди австрискиот претседател Александер ван дер Белен.
За време на настанот, како што објави МИнистерството за надворешни работи на Македонија, министерот Димитров имаше повеќе разговори со свои колеги и други високи учесници, меѓу кои и со министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу.