Admir Fazlagic
30 Септември 2020•Ажурирај: 01 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Во услови на пандемија предизвикана од појавата и ширењето на вирусот Ковид-19, утре официјално започнува новата учебна година во Република Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Согласно Планот и протоколите за организација, што ги подготвија институциите на системот во меѓусебна соработка и со поддршка на бројни засегнати чинители, наставата ќе се реализира и со физичко присуство и од далечина. Ова денес на прес-конференција го најавија министерката за образование и наука, Мила Царовска, заедно со заменик-министерот Арафат Шабани, продеканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски, и координаторката за развој на Националната платформа за учење од далечина, Александра Наќева-Ружин.
Министерката Царовска потенцираше дека оваа година ќе биде многу поразлична од другите, бидејќи, како што рече, пандемијата предзвика тектонски промени во нашите животи, а образовниот процес за многу кратко време мораше да претрпи целосна трансформација.
„Верувам дека сите заедно, родители, ученици, наставници и локални власти треба да соработуваат во овој период на прилагодување на новиот начин на учење. Верувам дека и покрај предизвиците и проблемите со кои се соочуваме овие денови, ќе имаме успешна учебна година, дека ќе научиме нови вештини и дека квалитетот на образовниот процес ќе биде на високо ниво“, рече Царовска.
Осврнувајќи се на Националната платформа, министерката рече дека вчерашниот тест на „Тимс-системот“ се покажал успешен и дека учениците ќе почнат да ја следат наставата согласно планот. Министерката Царовска рече дека часовите ќе се одвиваат онлајн така како што е планирано, а дека продолжува оптимизацијата на останатите модули од самата платформа што сè уште не се активни.
„Со задоволство можам да кажам дека ја завршивме успешно обуката на наставниците за користење на платформата. 1.600 наставници ги поминаа обуките од мастер-тренерите и станаа училишни обучувачи. Тие понатаму ги обучуваа наставниците во сите училишта во државата. Најважно е што во секое училиште имаме училишни обучувачи кои вештините за работење на платформата ги пренесуваат на нивните колеги и ќе бидат нивна поддршка“, нагласи Царовска.
Царовска се осврна и на, како што рече, едно од најгорливите прашања изминатите денови, а тоа е како децата кои немаат компјутери ќе ги следат предавањата, потенцирајќи дека на ниедно дете нема да му биде ускратено правото на образование.
„Сите деца кои немаат опрема, компјутери или од било кои причини не можат да следат настава онлајн, можат истата да ја следат од училница. Доколку пак не можат или родителите одлучиле да не одат во училница за сите ќе биде обезбеден потребниот печатен материјал за да учат дома. Овие ученици ќе бидат во постојана комуникација со наставниците, а сите предавања ќе може да ги следат и на телевизија како снимени часови“, рече министерката, додавајќи дека можеби ова не е најидеалното решение, но сепак овозможува опфат на сите ученици за редовно следење на наставата.
Таа информираше и дека во околу 600 основни и средни училишта е дозволено да се организира настава со физичко присуство, од вкупно пристигнати 864 барања од страна на основачите.
Посакувајќи им успех на сите ученици и наставници, Царовска апелираше сите да бидат трпеливи, истрајни и почитувајќи ги мерките за заштита од Ковид-19, како што рече, заеднички да придонесеме за успешен старт и заокружување на новата учебна година.