СРЕБРЕНИЦА (АА)
Посмртните останки на таткото ќе бидат погребани до неговите два сина на комеморативна церемонија в понеделник.
Посмртните останки од Салчин Синановиќ се пронајдени во две одделни масовни гробници - 27 години по геноцидот во Сребреница, најгрозниот масакр во Европа по Втората светска војна.
Синовите Сенад и Садик Синановиќ, исто така беа жртви на геноцидот во кој повеќе од 8.000 Бошњаци цивили беа убиени од Србите на 11 јули, 1995 година.
Зборувајќи за Агенција Анадолија, Мирсад Синановиќ, еден од преживеаните синови, рече дека неговите браќа имале 26 и 19 години кога биле убиени во геноцидот.
„Браќата се погребани во 2012 година откако нивните останки беа пронајдени во масовни гробници“, рече Мирсад Синановиќ.

Раскажувајќи ги настаните од кобниот ден, тој рече дека тие претходно живееле во селото Уриси, 35 километри од Сребреница, безбедната зона на ОН.
За да ги избегнат нападите од Србите, тој тргнал со неговиот татко и со неговите браќа во безбедносната зона.
„Ние се движевме во непозната насока во шумата. Имаше илјадници луѓе и сите се обидуваа да избегаат од областа. Одеднаш, слушнавме глас кој вели ’Вооружени напред, невооружени назад!‘ Па така отидов во првите редови. Мојот татко и браќа останаа назад. Слушнав дека се заробени.“
Тој рече дека ги чува предметите на неговиот татко кои биле извадени од гробот.

„Тој имаше голема смисла за хумор, беше смирен и добронамерен човек“, рече Мирсад Синановиќ, додавајќи дека има само фотографија да му остане во сеќавање од неговиот татко.
„Коските на мојот татко, неговата запалка и облека се исто така извадени од масовната гробница. Сега кога ќе погледнам во овие предмети, ми даваат малку мир.“
Уште 50 други жртви на геноцидот ќе бидат погребани на комеморацијата и погребната церемонија која ќе се одржи на 11 јули.
Во јули 1995 Сребреница беше опколена од српските сили кои се обидуваа да ја одземат територијата од босанските муслимани и Хрвати за да формираат држава.
Советот за безбедност на ОН ја прогласи Сребреница за „безбедносна зона“ пролетта 1993 година. Сепак, српските војници, предводени од генерал Ратко Младиќ, кој подоцна е прогласен за виновен за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид, ја прегази зоната на ОН.
Холандските сили не успеаја да дејствуваат кога српските сили ја окупираа областа, убивајќи 2.000 мажи и момчиња во еден ден на 11 јули.
Околу 15.000 Босанци избегаа во околните планини, но српските војници фатиле и убиле уште 6.000 луѓе.
Во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг пресуди дека во Сребреница бил извршен геноцид.
На 8 јуни 2021 година, судиите на Трибуналот на ОН ја потврдија пресудата со која Младиќ е осуден на доживотен затвор во второстепениот процес.
news_share_descriptionsubscription_contact
