Fatjon Cuka
10 Септември 2017•Ажурирај: 11 Септември 2017
ТИРАНА (АА) - Претседателот на Албанија, Илир Мета, еден ден откако ja потпиша уредбата за претседателот на Социјалистичката партија на Албанија, Еди Рама, за премиер на Албанија, денес потпиша уредба за новиот состав на Советот на министри на Република Албанија, јавува Anadolu Agency (AA).
Уредбата објавена денеска од страна на прес-службата на албанското претседателство, ги содржи сите имиња на новата влада предводена од Рама.
За заменик-премиер е назначена Сенида Меси, додека поранешниот премиер Пандели Мајко за државен министер за дијаспора, а Сонила Като, државна министерка за заштита на претприемништвото.
За министер за внатрешни работи е назначен Фатмир Џафај, Дитмир Бушати за министер за Европа и надворешни работи, Олта Џачка за министерка за одбрана, Етилда Ѓонај за министерка за правда, Мирела Кумбаро повторно во Министерството за култура, Арбен Ахметај ќе го предводи Министерството за финанции и економија, Линдита Никола министерка за образование, спорт и млади, Огерта Манастирлиу министерка за здравство и социјална заштита, Дамјан Ѓикнури министер за инфраструктура и енергија, Нико Пелеши министер за земјоделство и рурален развој и Бленди Клоши министер за туризам и животна средина.
За утре е закажано албанскиот Парламент да ја одобри програмата и составот на Советот на министри на Албанија. По одобрувањето од страна на Собранието и по заклетвата на кабинетот во албанското претседателство, новите министри официјално ќе ја преземат функцијата.
Потсетуваме дека вчера се одржа првата седница на деветиот состав на албанскиот Парламент, додека пратеникот на Социјалистичката партија, Грамоз Ручи, беше избран за претседател на Собранието.
Албанската Социјалистичка партија победи на парламентарните избори што се одржаа на 25 јуни оваа година, освојувајќи 74 пратеници во албанскиот Парламент, составен од 140 пратеници. Демократската партија на Албанија освои 43 пратеници, Социјалистичкото движење за интеграција 19 пратеници, Партијата за правда, интеграција и единство три, а Социјалдемократската партија обезбеди 1 пратеник.