Zülfiya Yakup
10 Септември 2017•Ажурирај: 11 Септември 2017
ПРИШТИНА (АА) - Вонредната седница на Собранието на Косово, свикана на барање на пратениците од опозицијата, на која на дневен ред беше расправата за програмата на Владата, беше прекината по неколку излагања на барање на опозицијата, поради отсуството на кабинетот на Владата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во салата беа присутни само 31 од 120 пратеници, меѓу кои и претседателот на Собранието, Кадри Весели, еден пратеник на владејачката коалиција ПАН-АКР и пратениците од опозициското движење „Самоопределување“ и Демократскиот сојуз на Косово.
На вчера одржаната седница на Собранието избрана е новата косовска Влада, предводена од премиерот Рамуш Харадинај. Бидејќи со одлука на владејачката коалиција изборот на Владата е извршен без расправа, пратениците од опозицијата со потребните 40 потписи побараа денес да се одржи вонредна седница со единствена точка на дневен ред - расправа за програмата на новата Влада.
На почетокот на седницата прв говореше Албин Курти од „Самоопределување“, кој ја критикуваше новата Влада што дозволила Косово да зависи од пратениците на „Српската листа“, а со тоа и од Белград. Посебно е лошо, истакна тој, тоа што Министерството за земјоделство е дадено токму на „Српската листа“, преку која Србија ќе го има клучот од косовскиот амбар.
Тој ѝ порача на новата влада да не ѝ падне на ум во Собранието да донесе големи теми, како што е Заедницата на општини со српско мнозинство, демаркацијата на границата со Црна Гора, за изградбата на термоцентралата Косово Ц или за приватизацијата.
„Тоа го стопиравме и кога бевме малубројни, сега сме двојно посилни, а Владата е двојно послаба“, рече Курти.
По воведните излагања, пратениците се согласија седницата да се прекине бидејќи без присуството на премиерот и министрите нема смисла да се расправа и побарано е продолжување на седницата за во вторник.
Владејачката коалиција ПАН-АКР (Демократска партија на Косово, Алијансата за иднината на Косово, Иницијатива за Косово, Алијансата ново Косово) само со девет пратеници го има потребото парламентарно мнозинство од 61 гласа. Претставниците на „Српската листа“ во новата Влада на Косово добија четири позиции, позицијата заменик-премиер, местото министер за враќања, за земјоделство и за администрација на локалната самоуправа.