Fatjon Cuka
15 Ноември 2018•Ажурирај: 15 Ноември 2018
ТИРАНА (АА) - Претседателот на Албанија, Илир Мета, реагираше во врска со случајот на поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, јавува Anadolu Agency (AA).
Одговарајќи на новинарски прашања на конференција одржана во албанскиот главен град, Тирана, Мета истакна дека секој политичар не треба да ја избегнува правдата.
„Јас мислам дека секој политичар, особено политичар со голема одговорност во неговата земја како во случајот за кој станува збор, не треба да ја избегнува правдата, ниту политичката борба. Не можам да судам во врска со случајот за кој станува збор, бидејќи се работи за друга земја, особено земајќи ја в предвид оваа позиција не би отворал дебата за ова прашање. Неговото заминување, на некој начин, можам да кажам дека е преземање на вината без разлика на тврдењата кои тој може да ги претсави“, рече Мета.
Албанскиот претседател додаде дека и во Албанија имало апсења кои се сметале за политички, како и дека кон тие случаи се пристапило со храброст, истакнувајќи дека политичарите на Балканот треба да бидат подготвени за сите предизвици.
Полицијата на Албанија вечерва се огласи во врска со тврдењата за преминот на поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, официјално потврдувајќи дека тој излегол од граничниот премин Хани и Хотит во Скадар.
Во соопштението на Генералната дирекција на полицијата на Албанија се наведува дека Груевски користел возило во сопственост на унгарската Амбасада во Тирана.
Министерството за надворешни работи на Република Македонија денеска соопшти дека министерот Никола Димитров телефонски разговарал со со својот унгарски колега Петер Сијарто, во врска со поднесеното барање за азил до унгарските власти од страна на Груевски
Потсетуваме, поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски, во вторникот преку својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека се наоѓа во Будимпешта, каде што од унгарските власти ќе побара политички азил.
По објавата на Груевски дека е во Будимпешта, информациите ги потврди и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија кое распиша меѓународна потерница за Груевски.
Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавката на луксузен мерцедес, вреден 570 илјади евра.