Fatjon Cuka
15 Ноември 2018•Ажурирај: 20 Ноември 2018
ТИРАНА (АА) - Полицијата на Албанија се огласи во врска со тврдењата за преминот на поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, официјално потврдувајќи дека тој излегол од граничниот премин Хани и Хотит во Скадар, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Генералната дирекција на полицијата на Албанија се наведува дека Груевски користел возило во сопственост на унгарската Амбасада во Тирана.
„Одделот за граници и миграции при Државната полиција во врска со влезот и излезот од територијата на Република Албанија на граѓанинот Никола Груевски информира дека граѓанинот Никола Груевски на 11.11.2018 година, во околу 19:11 часот, излегол од територијата на Република Албанија преку граничниот премин Хани и Хотит кон Црна Гора, како патник во возило со регистарски ознаки CD1013A, во сопственост на унгарската Амбасада во Тирана“, се вели во соопштението.
Во полициското соопштение се нагласува и дека на 11.11.2018 година не постоела потерница за Никола Груевски, и дека Интерпол од Скопје на 13 ноември испратил соопштение до Интерполот во Тирана за меѓународна потерница за Груевски.
Потсетуваме, поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски, во вторникот преку својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека се наоѓа во Будимпешта, каде што од унгарските власти ќе побара политички азил.
По објавата на Груевски дека е во Будимпешта, информациите ги потврди и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија кое распиша меѓународна потерница за Груевски.
Никола Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавката на луксузен мерцедес, вреден 570 илјади евра.