Besar Ademi
04 Октомври 2017•Ажурирај: 05 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни и европски работи на Луксембург, Жан Аселборн, кој престојува во официјална посета на Македонија, по средбата со неговиот македонски колега Никола Димитров, истакна дека разговорите со Бугарија и начинот на кој е постигнато решение имаа големо значење, како и дека следниот чекор е решавање на проблемот со Грција, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Аселборн на заедничката прес-кофнеренција со министерот Димитров изрази надеж дека Метју Нимиц, специјалниот претставник на ОН за преговорите меѓу Македонија и Грција за спорот околу името, ќе најде решение кое, според него, ќе ѝ помогне на Македонија да оди по најдобриот пат во нејзините евро-атлантски аспирации.
Во врска со прашањето за тоа кога Македонија ќе може да ги започне преговорите за членство, тој нагласи дека на секоја земја која е дел од Европа треба да ѝ се даде можност да биде дел од ЕУ и затоа, според него, на земјите од Балканот треба да им се понуди помош на овој пат да не бидат сами.
„Првично, сите тие земји кои се дел од Европската Унија треба да им се даде можност да бидат и дел од еврозоната и шенген зоната, доколку ги исполнуваат условите. Истото важи и за сите земји од Балканот, кои се во дворот на Европа. Тие не се во дворот на Русија, Кина или Америка, туку се во дворот на Европа. Во рацете на ЕУ е да се ангажира и да има енергија за да се најде заедничко решение“, вели тој.
Од друга страна, шефот на македонската дипломатија истакна дека на средбата со својот колега го претставил ставот на Владата за аспирациите на земјата за членство во НАТО и во ЕУ.
Тој нагласи дека членството на Македонија во НАТО ќе има едно одлично влијание за стабилноста на земјата, но и на регионот.
„Му ја претставив нашата позитивна приказна и го уверив дека ќе направиме сѐ што можеме до крајот на оваа година да направиме доволно за да ја убедиме Европската комисија да ни даде чиста препорака и ќе направиме сѐ што можеме за да ги убедиме нашите соседи и нашите европски пријатели дека Македонија треба да ги започне пристапните преговори со Еропската Унија следната година“, додаде Димитров.
Во рамките на посетата, Жан Аселборн ќе оствари средби и со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а ќе биде пречекан од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов, претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и од премиерот Зоран Заев.