Almir Terzic
04 Октомври 2017•Ажурирај: 05 Октомври 2017
САРАЕВО (AA) - Одложена е посетата на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, на Хрватска, која беше планирана до крајот на оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што е соопштено од кабинетот на претседателката на Република Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ, таа во повеќе наврати истакна дека дијалогот нема алтернатива во односите со сите соседи, вклучувајќи ја и Србија.
„Со потпишувањето на 'Декларацијата од Суботица' почнаа да се создаваат предуслови за решавање на отворените прашања. Во согласнот со тоа, по изборот на Александар Вучиќ за претседател на Република Србија, започнаа разговорите за службена посета на Хрватска. Повикот на претседателката на Република Хрватска до претседателот Вучиќ е упатен со цел за понатамошна нормализација на односите и за градење меѓусебна доверба“, се наведува во соопштението.
Но, како што е нагласено, со оглед на најновиот развој на настаните и атмосферата којашто не придонесува кон градење на меѓусебната соработка, претседателката на Република Хрватска процени дека во овој момент не постојат предуслови за остварување на посетата. Во контактите на двата кабинета беше постигната согласност за одложување на посетата, која беше планирана до крајот на оваа година.
Се истакнува дека главната цел на посетата на претседателот на Република Србија на Хрватска, кога до неа ќе дојде, мора да претставува позитивен исчекор во решавањето на отворените прашања и придонес кон подобрувањето на односите на двете држави, кои не мора да бидат прјателски, но мора да соработуваат поради сопствената иднина и стабилноста на југоисточна Европа.