Vedran Bosnjak
14 Јуни 2023•Ажурирај: 15 Јуни 2023
ЛУКАВАЦ (АА) – Во утринските часови во Основното училиште „Лукавац Град“, во Босна и Херцеговина, дошло до пукање во кое едно лице е рането, пренесува Анадолу.
Екипа на Итната медицинска помош на Здравствениот дом во Лукавац укажала прва помош, а потоа ранетиот вработен на училиштето бил пренесен во Универзитетскиот клинички центар во Тузла.
„Пациент со иницијали О.Н. е хоспитализиран поради прострелна рана во пределот на вратот во Универзитетскиот клинички центар во Тузла. Пациентот е интубиран и оперативниот зафат е во тек“, соопштуваат од УКЦ Тузла.
Сѐ уште нема официјална информација од полициската управа при Министерството за внатрешни работи на Тузланскиот Кантон, а градоначалникот на Лукавац, Един Делиќ, на социјалните мрежи ја сподели веста дека нема повредени ученици.
Службеници од полициската управа се на терен и вршат увид, по што ќе биде објавено соопштение. Напаѓачот, за кој се претпоставува дека е еден од учениците, е лишен од слобода и приведен во Полициската станица Лукавац, што го потврди и градоначалникот Делиќ.