Zylfije Adem Jakupi
20 Јуни 2023•Ажурирај: 21 Јуни 2023
ПРИШТИНА (АА) - Граничните премини меѓу Косово и Србија, Јариње, Брњак и Мердаре, се блокирани за излез од Косово. Според податоците објавени на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи на Косово, преминот Брњак е блокиран од двете страни на границата, додека премините Јариње и Мердаре се блокирани за премин на камиони и автобуси, пренесува Анадолу.
Синоќа, Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека на територијата на Србија, во близина на граничните премини Јариње и Мердаре, поради протести кои се во тек, не е можен премин на автобуси и камиони кои доаѓаат од Косово. Исто така се истакнува дека ниту минувањето на автомобилите во моментот не е безбедно.
Министерството ги повика граѓаните кои веќе влегле на територијата на Србија да ги користат граничните премини Мутивода и Бела Земља или да тргнат по патот од Северна Македонија (граничен премин Прешево) преку Скопје. Доколку не влегле во Србија, се замолуваат граѓаните да не патуваат низ таа земја.
„Со оглед на тоа што во оптек се многу лажни вести кои имаат за цел ширење страв, ги повикуваме сите граѓани да ја следат Полицијата на Косово со најновите официјални информации во врска со тоа“, наведоа од Министерството.
Иако косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференцијата одржана на 15 јуни рече дека кон Србија не се воведени економско-трговски санкции, туку поради безбедносната ситуација зајакнати се контролите на граничните премини, од тогаш камионите со стока од Србија не можат да влезат во Косово.
Како што пренесуваат локалните медиуми, токму тоа е причината што камионите кои со денови чекаат да влезат во Косово решиле да го блокираат излезот на камионите и автобусите од косовската на српската страна на границата.
До тоа дојде откако српските сили уапсија тројца косовски полицајци, кои биле на должност во пограничниот појас на северот на Косово.