ЈАХОРИНА (АА) - Бугарскиот премиер Бојко Борисов на денешниот Самит на Процесот на соработка на Југоисточна Европа (SEECP) изјави дека доколку не можат да се договорат околу спорните прашања, можеби не би било лошо и да се скараат, да кажат отворено кој што има да каже, па тогаш резултат на ето тоа да биде одреден договор, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Мора да кажам дека ние како Европска Унија не можеме ништо да постигнеме додека не се собереме, додека не бидат со нас заедно и колегите од Западен Балкан. Бев во Познањ пред неколку дена каде што имавме преземање на претседавањето со Берлинскиот процес од Бугарија и Северна Македонија. Знаеме дека тоа е процес кој треба да продолжи да придонесува на процесот на проширување и сакаме да ја оставиме таа дискусија отворена, бидејќи сфаќаме колку е тоа битно“, изјави Борисов.
Тој додаде дека на секој состанок со европските официјални претставници, а ги има многу, се нагласува дека работите мора да напредуваат во поглед на статусот на земјите од Западен Балкан. Нагласи дека е неопходно Србија и Косово да седнат и конечно да се договорат за некои работи.
„Сега се отвораат некои теми, како што се царинските давачки, сите работи кои всушност само ја уништуваат нашата интеграција. Она што нам ни е потребно, се нула даноци, или барем сите да бидеме рамноправни што се однесува до тоа“, изјави Борисов и го изнесе примерот на односите помеѓу Бугарија и Турција, кои имаат доста проблеми, но постојано се состануваат и разговараат за нив.
Тој изјави дека е неопходно сите да сфатат што е вистински пат, како да соработуваат и да бидат сите заедно.
„Ако не можеме да се договориме тука, можеби не е лошо и да се скараме, да кажеме отворено кој што има да каже, па тогаш резултатот нека биде некој договор. Навистина се надевам дека ова ќе биде успешен разговор“, вели Борисов.
Тој изрази жалење што претставниците на Косово не се на Самитот во Сараево, но ја искористи можноста и им посака успешно претседавање со Процесот, кога ќе го преземат од БиХ.
„Мене ми е болно сево ова што гледам дека се случува. Балканот е најубав дел од Европа. Нашите мориња, реки, Медитеранот, планините, сето тоа е Балканот, преубави скијалишта, но она што ни е потребно, пред сѐ, тоа се храбри политичари“, изјави Борисов.
Лидерите и претставниците на земјите учеснички на Процесот на соработка во Југоисточна Европа (SEECP) се собраа на пленарниот состанок на регионалната иницијатива со која претседава БиХ.
На Самитот, кој се одржува на Јахорина, присуствуваат претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган; претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски; претседавачите и членови на Претседателството на БиХ, Милорад Додиќ, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ; потоа претседателот на Црна Гора, Мило Џукановиќ; претседателот на Албанија, Илир Мета; премиерката на Србија, Ана Брнабиќ; премиерот на Бугарија, Бојко Борисов и претставници на Хрватска, Романија, Грција, Молдавија и Словенија.
На пленарната сеедница присуствуваат и претставници на Европската Унија (ЕУ) и Советот за регионална соработка (RCC), додека своето доаѓање во БиХ го откажа делегацијата на Косово.
На Самитот претходеше свечена вечера за шефовите на делегациите, како и состанок на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Со Самитот во Јахорина, БиХ го завршува едногодишното претседавање со Процесот, по кое водењето на оваа иницијатива би требало да го преземе Косово.
Регионалната иницијатива на Процесот за соработка во Југоисточна Европа е покрената во 1996 година во Софија, со цел јакнење на регионалната соработка, безбедност и стабилност.
news_share_descriptionsubscription_contact
