Admir Fazlagic
27 Март 2019•Ажурирај: 27 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Раководствата на Здружението на Горанците - Скопје и на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) одржаа состанок по кој е усвоен Меморандум за соработка, пренесува Anadolu Agency (AA).
БДС соопшти дека вчера, на 26 март, се одржал состанок помеѓу раководствата на Здружението на Горанците - Скопје и на БДС, а по состанокот е усвоен Меморандум за соработка во кој се наведува дека Бошњачкиот демократски сојуз искажал разбирање за проблемите со кои се соочуваат Горанците во Република Северна Македонија, коишто на состанокот беа презентирани од страна на раководството на Здружението на Горанците.
„Бошњачкиот демократски сојуз е подготвен да даде поддршка на сите активности кои ќе бидат насочени кон подобрување на положбата на Горанците во Република Северна Македонија. Здружението на Горанците – Скопје и Бошњачкиот демократски сојуз сметаат дека заеднички треба да работат на заемна поддршка во сите полиња, затоа што тоа е единствениот начин кој ќе ја подобри положбата и статусот на Горанците и Бошњаците во Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението.
Се додава дека Здружението на Горанците искажало подготвеност со свои претставници да даде поддршка на Бошњачкиот демократски сојуз, преку ангажирање на своите членови во сите места каде што заедно живеат.
Исто така, во соопштението се наведува дека „Здружението на Горанците – Скопје ја поддржува партијата Бошњачки демократски сојуз во нејзиното делување“.