Bojana Stojanovic
01 Јули 2019•Ажурирај: 02 Јули 2019
БЕЛГРАД (АА) - Претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, денес изјави дека најголемите успеси на Владата во претходните две години се зачувувањето на финансиската стабилност и придвижувањето на трансформацијата на економијата, јавува Anadolu Agency (AA).
На претставувањето на резултатите од работата на Владата на Србија во претходните две години, Брнабиќ истакна дека е многу задоволна со резултатите што се постигнати во тој период.
Таа наведе дека Владата на Србија успеала да одржи финансиска и макроекономска стабилност, како и дека работела, но и понатаму работи на тоа администрацијата да разбере дека е тука заради граѓаните.
Премиерката изјави и дека Владата на Србија ќе продолжи да работи на афирмацијата на човековите права и слободи, на зајакнување на независните регулаторни тела и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
„Ми изгледа дека животот во Србија денес е поизвесен и посигурен отколку во минатото. Економските резултати покажуваат дека имаме простор за зголемување на платите и пензиите под услов да продолжиме вака да работиме“, наведе премиерката на прес-конференцијата во Белград.
Кога станува збор за животниот стандард на граѓаните, Брнабиќ рече дека пензиите во просек се зголемени за 12,5 отсто, и дека платите во јавниот сектор се зголемени меѓу 12 и 23 отсто.
Таа оцени и дека „апсолутно не е точно“ дека најавеното поскапување на патарината, струјата и горивото ќе бидат удар за стандардот на граѓаните, бидејќи, како што нагласи, Владата води сметка за тоа зголемувањето на платите и пензиите да биде одржливо.
Претседателката на Владата на Србија рече и дека минималната цена на трудот е зголемена на 27.200 динари, и дека платите во реалниот сектор достигнале 463 евра, што е зголемување од 11,3 отсто.
Зборувајќи за инфраструктурата, Брнабиќ изјави дека се изградени повеќе од 150 километри автопатишта.
„За автопатот Белград - Сараево, на делницата на тој автопат, Сремска Рача - Кузмин, се очекува почеток на работите во наредните месец дена“, додаде таа.
Во железницата, според нејзините зборови, ќе се инвестираат 2,4 милијарди евра, а најважна е изградбата на брзата пруга Белград - Будимпешта.
„Србија започна да го гради Турски тек, еден од најзначајите енергетски текови“, изјави таа.
Брнабиќ како приоритет во наредниот период од работата наведе и отворање нови поглавја на патот на Србија кон Европската Унија, како и работа во областа на владеењето на правото.
Коментирајќи го тоа што околу 150 продавници, неколку аптеки и угостителски објекти во четири српски општини на Косово ги затвориле своите објекти во знак на протест поради таксите за стоката од Србија, премиерката изјави дека тоа е потполно рационална и реална одлука.
„Неверојатно е вие да дозволите во Европа денес да живеат граѓани на кои не им е дозволено да купуваат намирници затоа што тие имаат национално обележје, јас се надевам дека Европа ќе реагира“, додаде таа.
Српската премиерка Брнабиќ изјави дека има голема желба да го посети Косово, но тоа нема да го стори во овој момент, бидејќи со тоа, како што оцени, ќе предизвика додатна нестабилност која рече „Приштина нестрпливо ги чека“.
„Во интерес на регионална стабилност, нема да одам во Косово во овој момент бидејќи тоа не може да донесе ништо позитивно и затоа нема да го отворам тоа прашање“, наведе таа.