Dejan Maksimoviç
26 Декември 2015•Ажурирај: 28 Декември 2015
БЕЛГРАД (АА) - Небојша Стефановиќ, министерот за внатрешни работи на Србија, потврди дека во опсежна акција за борба против корупцијата уапсени се 79 лица, а за пет лица сè уште се трага. Соопшти и дека буџетот на Србија е оштетен за над 100 милиони евра, како и тоа дека меѓу уапсените се и високи функционери на Србија, директори на јавни претпријатија, бизнисмени, поранешни и сегашни градоначалници на општини, јавува Anadolu Agency (AA).
Најзвучни имиња меѓу уапсените се секако поранешниот министер Слободан Милосављевиќ, потоа Зорана Марковиќ, некогашната директорка на Агенцијата за борба против корупција, и сопственикот на "Биохемија" бизнисменот Жељко Жуниќ.
"Припадниците на МВР на Србија и надлежното Обвинителство спроведоа координирана акција на целата територија на Република Србија во која се уапсени 79 лица, додека за пет сè уште се трага. Поднесени се кривични пријави против 39 лица. Акцијата е спроведена со цел спречување на финансискиот криминал и корупцијата, а особено злоупотребата во државните органи. Против обвинетите се поднесени кривични пријави поради основано сомнение дека од 2004 година до денес, со извршување на повеќе кривични дела причинета е материјална штета на буџетот на Република Србија, Војводина, градот Белград, железарата Смедерево, Дунав осигурување и многу други јавни претпријатија и државни агенции во износ од седум милијарди и осумстотини илјади динари, или над 100 милиони евра", рече Стефановиќ.
Според зборовите на министерот Стефановиќ, осомничените од 2004 година до денес извршиле кривични дела перење пари, злоупотреба на службената положба, примање и давање мито, злоупотреби со јавни набавки, за корупциски дела во областа на земјоделството и издвојување на градежно земјиште на локалните самоуправи. Нагласи дека овие апсења не значат крај на акцијата, туку нејзино продолжување и дека никој нема да биде поштеден.
Станува збор за една од најопсежните акции некогаш спроведени во Србија за борба против корупцијата и финансискиот криминал, наведува Anadolu Agency.