Bojana Stojanovic
07 Ноември 2018•Ажурирај: 08 Ноември 2018
БЕЛГРАД (АА) - Важно е дијалогот меѓу Белград и Приштина да продолжи, но не можеме да зборуваме во празно, изјави денеска претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, коментирајќи го продолжувањето на дијалогот во Брисел закажан за утре, 8 ноември, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, утре во Брисел ќе се состанат со високата претставничка Федерика Могерини.
„Мислам дека е важно дијалогот да продолжи, но не можеме да зборуваме во празно. Не може да зборувате со празен стол пред себе. Секојпат кога ќе се спомене дијалогот, се случува некој едностран инцидент од страна на Приштина, со кој се доведува во прашање нејзината подготвеност навистина искрено да учествува во тој дијалог и да го продолжи дијалогот, така што навистина е важно да се вратиме на тоа да не ја доведуваме во прашање ваквата соработка и да немаме вакви еднострани потези кои се спротивни на разумот и спротивни на времето во кое живееме“, изјави Брнабиќ пред новинарите.
Прашана дали на утрешното продолжување на дијалогот ќе стане збор за воведувањето такси од 10 отсто за увоз на стока од Србија и Босна и Херцеговина од страна на Владата на Косово, Брнабиќ ѝ се заблагодари на Европската Унија за реакцијата, односно поради тоа што оценила дека таа одлука е во спротивност со меѓународниот договор за слободна трговија ЦЕФТА и што побарала таа одлука да се поништи.
„Се надевам дека (Приштина) ќе реагира на она што дојде од Брисел“, рече Брнабиќ.