Ihvan Radoykov
25 Ноември 2020•Ажурирај: 26 Ноември 2020
СОФИЈА
Владата на Бугарија донесе нови мерки против ширењето на коронавирусот (Ковид-19) во земјата, што ќе бидат во сила од 27 ноември до 21 декември, јавува Агенција Анадолија (АА).
Советот на министри на Бугарија на денешниот состанок усвои нови мерки против ширењето на Ковид-19 во земјата откако бројот на лица кај кои е детектиран коронавирусот на 100.000 жители се искачи на 600.
Министерот за здравство, Костадин Ангелов, на конференцијата за новинарите изјави дека сите образовни установи во земјата ќе прејдат на онлајн настава.
Тој истакна дека трговските центри во Бугарија ќе бидат затворени, додавајќи дека на рестораните ќе им биде дозволено само да испорачуваат храна.
Министерот Ангелов напомена дека аптеките, продавниците за храна и основни потреби и верските објекти ќе останат отворени.
Претседателот на Централниот оперативен штаб, генерал Венцислав Мутафчијски, истакна дека мерките се благи во однос на останатите земји.
„Луѓето нема да бидат затворени во своите домови. Нема да има полициски час“, изјави Мутафчијски.
- Преземени мерки во Бугарија
Во рамките на мерките, коишто од петок стапуваат во сила, ќе бидат забранети сите културни активности, освен театрите кои можат да продолжат со работата под услов да примаат 30% од капацитетот за гледачи.
Учеството на приватни собири ќе биде ограничено на 15 лица, додека сите рекреативни и групни спортски активности за малолетници (под 18 години) ќе бидат забранети. Спортските активности за останатите возрасти ќе бидат организирани без гледачи.
Од почетокот на пандемијата досега, во Бугарија коронавирусот е детектиран кај 129.348 лица, како последица на заразеност со Ковид-19 животот го загубија 3.226 лица, а оздравеа 40.102 пациенти заразени со коронавирусот.