Abdula Berisha
16 Август 2019•Ажурирај: 18 Август 2019
СКОПЈЕ (АА) - Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Бугарија, Андреј Боцев, ја предводи бугарската воена делегација која престојува во тридневна официјална посета на Република Северна Македонија, во рамки на која оствари средби со неговиот македонски колега, Васко Ѓурчиновски, и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Генералштабот се вели дека на средбата со министерката Шекеринска станало збор за продлабочување на соработката во обуката на медицинските сили, логистиката, комуникацијата, односите со јавност и обуката на пилоти.
„Заблагодарувајќи се за брзата ратификација на Пристапниот протокол за прием на нашата земја во НАТО, министерката Шекеринска се осврна на успешно реализираната вежба „Одлучен удар“, во која учествуваше и Република Бугарија, и рече дека таквите вежби ја зајакнуваат интероперабилноста меѓу армиите и се одличен пример за регионална и меѓудржавна соработка“, стои во соопштението.
На состанокот меѓу генералите Ѓурчиновски и Боцев се разговарало за меѓусебната воена соработка, која, како што стои во соопштението, е во постојан подем. Бугарската делегација за време на посетата ќе оствари средба и со претседателот на државата, Стево Пендаровски, а исто така ќе присуствува на централната свеченост по повод одбележувањето на 18 Август, Денот на Армијата на Северна Македонија.