Admir Fazlagic
29 Јули 2017•Ажурирај: 29 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за одбрана на Република Македонија, информираше дека во наредните денови, односно до 10 август на армискиот полигон Криволак ќе се одржи заедничка воена вежба на Армијата на Република Македонија (АРМ) и вооружениете сили на Соединетите Американски Држави (САД) насловена „Dragoon Guardian“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението, за таа цел, вчера на граничниот премин Деве Баир влегле 300 припадници на „2. Cavalry Regiment“ на Армијата на САД во Европа со 6 конвои и околу 120 возила.
„Припадниците на вооружените сили на САД, вежбата ја реализираат заедно со 95 припадници на инжинерискиот баталјон од Првата механизирана пешадиска бригада на АРМ и од четата АБХО", се вели во соопштението.
Официјалната промоција е одржана вчера во Куманово, на која биле презентирани и дел од возилата на АРМ и вооружените сили на САД кои се дел од вежбата.
Министерката за одбрана на Република Македонија Радмила Шекеринска истакна дека со оваа вежба ќе се зајакне билатералната соработка со САД, а ќе се влијае и врз развој на взаемното разбирање и доверба. Министерката рече дека вежбата има повеќе цели, како подобрување на интероперабилноста, размената на искуства и развој на стандардните оперативни процедури.
Шекеринска изрази задоволство што САД, како земја која вложува многу во развојот и подготвеноста на своите вооружени сили го одбра армискиот полигон „Криволак“, за реализација на оваа вежба.
Во рамките на воената вежба, како што информираше ресорното министерство ќе се одржат бројни локални активности, преку кои граѓаните на Македонија ќе можат одблиску да се запознаат и со опремата на Армијата на САД, која се користи во инжинериските единици.
Во текот на вежбата граѓаните на неколку градови во Република Македонија ќе имаат можност да се запознаат со задачите на војниците, нивниот начин на живот, работните обврски. Ваков тип на настани, освен во Куманово, ќе се одржат и во Скопје, Велес, Штип, Струга и Струмица.
Меѓудругото, во рамките на вежбата „Dragoon Guardian 17“, припадниците на Армиите на двете земји ќе имаат серија заеднички обуки за обезбедување мобилност и справување со импровизирани експлозивни направи, за обезбедување на медицинска поддршка, а воедно ќе имаат можност да учествуваат во изградба на времена полетно-слетна патека за беспилотни летала.