Furkan Abdula
25 Мај 2021•Ажурирај: 26 Мај 2021
СКОПЈЕ
Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, реализира еднодневна работна посета на Косово, во чии рамки се сретна со министерката за трговија, претприемништво и индустрија на Косово, Розета Хајдари.
Според соопштението на кабинетот на вицепремиерот Битиќи, Хајдари и Битиќи на средбата разговарале за економската соработка помеѓу двете соседни земји.
„Вицепремиерот Битиќи посочи дека е исклучително важно владите на земјите од Западен Балкан да креираат кохерентни и конзистентни политики со кои ќе се зголемува конкурентноста на регионот, наместо конкуренција помеѓу земјите, при што ќе се унапредува меѓусебната економска соработка, во насока на подобрување на условите за живот и создавање на повисок животен стандард за сите граѓани во која и од земјите да живеат“, се вели во соопштението.
Според ова соопштение, преку „Берлинскиот процес“, што се реализира со поддршка од влијателни земји членки на ЕУ, направени се сериозни чекори со кои се унапредува дијалогот помеѓу владите, но и помеѓу претставниците на бизнис-заедницата, и се започнати сериозни реформи што ќе ги доближат сите земји од Западен Балкан до членството во Европската Унија.
„Економската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово, како две соседни и пријателски земји, има сериозен потенцијал да се продлабочува уште повеќе, заклучија на меѓусебната средба вицепремиерот Битиќи и министерката Хајдари и посочија дека за поздравување е податокот дека трговската размена во првите три месеци од 2021 бележи пораст од 30%“, се додава во ова соопштение.
Се истакнува дека косовската министерка, Хајдари, и вицепремиерот на Северна Македонија, Битиќи, се заложиле да продолжат со заедничките ангажмани за да ја унапредуваат економската соработка помеѓу двете земји, но и да работат за подигнување на конкурентноста на регионот во интерес на сите граѓани.