Admir Fazlagic
08 Декември 2020•Ажурирај: 09 Декември 2020
СКОПЈЕ
Владата на Република Северна Македонија ветото од Бугарија ставено на почетокот на преговорите на земјата со Европската унија го оцени како „неодговорна геостратешка грешка", порачувајќи дека „македонската иднина е европска", пренесува Агенција Анадолија (АА).
По денешниот состанок во Брисел на Советот на министри без да се усвои преговарачката рамка за Северна Македонија, практично значи дека земјата нема да ги започне очекуваните преговори за членство во Европската унија. По тој повод со писмено соопштение реагираше Владата на Република Северна Македонија.
„Република Бугарија стави вето на почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија и со тоа застана на патот на нашата европска интеграција за која во повеќе наврати институциите на ЕУ и сите останати земји членки одделно, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите",се вели во соопштението од Владата на Република Северна Македонија, во кое се наведува дека земјата „нема да се откаже од правото на самоопределување на македонските граѓани кое е гарантирано со Повелбата на Обединетите нации, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Лисабонскиот договор како уставна основа на ЕУ и темелните вредности на Уставот на Република Северна Македонија."
„Македонскиот национален идентитет не беше, не е и невозможно е да биде предмет на преговори. Македонскиот народ и македонскиот јазик се столбовите на македонскиот идентитет. Тие доаѓаат од минатото, а во исто време се столбови на нашата европска иднина. За жал, процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ го запре Република Бугарија како членка на ЕУ. Станува збор за неодговорна и тешка геостратешка грешка", стои во соопштението.
Владата на Северна Македонија потсетува дека во месец март оваа година, Советот на ЕУ даде едногласно зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија.
„Сите земји членки на ЕУ се согласија на тоа, вклучително и Бугарија. Во исклучително позитивниот извештај од Европската комисија за реформскиот напредок ние сме подобри од другите земји кандидати, па дури и понапред од некои земји кои веќе преговараат. Нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност за почеток на преговори се неспорни."
„Неодобрувањето на преговарачката рамка е на штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската Унија.Владата на Северна Македонија нема да дозволи застој на внатрешните реформи. Напротив, ќе го засилиме темпото и ќе ја зголемиме предноста во демократски реформи што ја имаме во регионот", се истакнува во соопштението на Владата на Северна Македонија и се додава:
„Владата останува на истиот стратешки колосек. Испорачавме полноправно членство во НАТО и ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ! Наша обврска е да ги изградиме европските стандарди дома! За нас нема друг пат, нема друга алтернатива. Македонската иднина е европска."
Потсетуваме, на 17 ноември на министерскиот состанок на земјите членки на ЕУ Бугарија стави вето на преговарачката рамка на Северна Македонија за почнување на преговорите за членство ЕУ. Бугарската министерка за надорешни работи Екатерина Захариева, соопштувајќи ја одлуката за вето, тогаш изјави дека „држава заснована врз идеологија на непријателство кон Бугарија нема место во ЕУ".
Во пресрет на одлуката за започнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, Бугарија на 16 септември, до земјите членки на ЕУ им испрати објаснувачки меморандум, кој се состои од шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија.