Besar Ademi
02 Ноември 2018•Ажурирај: 04 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, на прес-конференција најави дека Владата ги усвои нацрт-амандманите на Уставот на Македонија, во согласност со Договорот од Преспа и заклучоците на Собранието на Македонија, кои во текот на денот треба да се поднесат до Собранието за продолжување на процесот, јавува Anadolu Agency (АА).
Како што најави македонскиот премиер, првиот амандман се однесува на актуелното име на Република Македонија, на кое ќе му се додаде придавката „Северна“, додека вториот амандман се однесува на измените во преамбулата на Уставот, односно одлуките на АСНОМ (Антифашистичко собрание на народното ослободување) се дополнуваат со прогласувањето на АСНОМ и се додава Охридскиот договор како конститутивен елемент на државата.
„Третиот и четвртиот амандман“, рече Заев, „се однесуваат на гаранциите за територијалните граници на Македонија, како и на грижата за македонските граѓани во дијаспората и пошироко“.
„Четирите амандмани се многу едноставни, тоа што дел од јавноста се плашеше дека ќе има некој комплициран процес којшто ќе задира во идентитетот или слично, еве на повидок на вака објавените амандмани тие грижи ги отстрануваме комплетно, правиме една врзивна алка“, рече Заев.
Според премиерот Заев кој ги објави дополнувањата во четири амандмани, тие немаат ништо спорно и се во согласност со меѓународните стандарди. Тој, исто така, истакна дека амандманите заслужуваат поддршка од сите пратеници, за интеграција на земјата во НАТО и во Европската Унија (ЕУ).
„Правиме една врзивна алка којашто самиот договор ја предвидува на начин каде што од Грција којашто беше причина за стопирање на процесите на интеграциите во НАТО и во ЕУ ќе добиеме силен партнер којшто сериозно е заинтересиран за побрзото интегрирање на Македонија во НАТО и во Европската Унија“, изјави Заев.
Тој рече дека во нацрт-амандманите на Уставот, исто така, се вклучени и предлозите на новата парламентарна група во Собранието, односно, на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои го поддржаа парламентарно мнозинство за пристап кон уставни измени.
„Во предлозите на опозицијата кои се во нацрт-амандманите“, рече македонскиот премиер, „првиот дел е за заштита на македонскиот идентитет, додека вториот дел е за влегување во сила на Договорот од Преспа кога грчкиот Парламент ќе го ратификува Договорот и кога ќе го ратификува протоколот за членство во НАТО“.
„Сите знаеме дека ниту постои можност за подобар договор, ниту за друг договор. Договорот е фер, праведен и еднаков со придобивките за двете страни, конечно ги отвора вратите на Македонија кон ЕУ и НАТО, а сите парламентарни партии во државата сме за ЕУ и НАТО“, истакна Заев.
Инаку, измените во Уставот на Република Македонија се дел од Договорот од Преспа, потпишан во јуни од страна на владите на Македонија и на Грција, чие спроведување е услов за членството на земјата во НАТО и почеток на преговорите за членство во ЕУ.
На 19 октомври, Собранието на Република Македонија со двотретинско мнозинство во Собранието, односно со 80 гласови, го одобри предлогот за пристап кон уставните измени, по што следуваа нацрт-амандманите кои беа поднесени до Комисијата на разгледување и потоа треба да бидат усвоени со просто мнозинство гласови. По овој чекор, потребно е усвојување на уставните измени со двотретинско мнозинство во Собранието на Македонија, за да се отвори патот грчкиот Парламент да го ратификува Договорот од Преспа.