Husamedin Gina
25 Март 2020•Ажурирај: 28 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) – Владата на Република Северна Македонија на вечерашната седница донесе одлука за измени и дополнувања на забраната на движење на целата територија на Република Северна Македонија за време на деновите на викендите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Одлуката се однесува на забраната за движење во деновите на викендот, односно сабота и недела, од 16:00 часот до 05:00 часот наутро.
На предлог на Комисијата за заразни болести, и по заклучок на Главниот координативен кризен штаб за целосна координација за спречување на внесување и ширење на коронавирусот (Ковид-19), Владата донесе одлука измени и дополнувања на забраната на движење на целата територија на Република Северна Македонија за време на викендите.
„Со овие измени и дополнувања забраната за движење во деновите на викендот, односно во сабота и недела, ќе започнува во 16:00 часот и ќе трае до 05:00 часот. Сите јавни установи и приватни компании што работат за време на викенд, треба да се прилагодат на новите ограничувања за движење и да го завршат работниот процес најдоцна до 15:00 часот“, се нагласува во соопштението од Владата.
Исто така се истакнува дека сите претходно донесени забрани и ограничувања, остануваат во сила.